Македонецот Влатко Андоновски официјално именуван за селектор на светските првенки, фудбалерките на САД

Македонскиот фудбалски стратег Влатко Андоновски и официјално застана на кормилото на светскиот фудбалски првак во женска конкуренција, селекцијата на Соединетите Американски Држави. Првиот предизвик ќе го има на натпреварите против Шведска и против Костарика, а главната мисија е да го освои златниот медал на Олимписките Игри во Токио следната година, како и одбраната на светското злато.

„Воодушевени сме што го пречекавме Влатко во американското фудбалско семејство“, изјави Карлос Кордеиро, претседателот на Фудбалската федерација на САД. „Како еден од најуспешните тренери во историјата на NWSL, тој е докажан дека може да им помогне на играчите од светска класа да го достигнат својот максимум, да ги инспирира своите тимови и да освојува шампионатите. Тој е широко почитуван од играчите, има работна етика и победнички менталитет да ја води најголемата женска фудбалска селекција во историјата во следната ера на успех“, дополни Кордеиро.

Влатко Андоновски е прв Македонец кој ќе биде селектор на светски фудбалски шампион.

„Прво, сакам искрено да им се заблагодарам на претседателот на федерацијата, Карлос Кордеиро, на генералната директорка на женската репрезентација, Кејт Маркграф и на директорот на фудбалот на САД, Ерни Стјуарт, за оваа можност“, рече Андоновски. „Тоа е огромна чест и јас сум многу возбуден што ќе започнам да работам со оваа вонсериска група на играчи. Горд сум што ќе бидам наследник на сите талентирани тренери и играчи што во минатото ја имаат  градено традицијата на извонредни резултати и посветен сум да работам напорно за да продолжам по патетките на нивните успеси“, изјави Влатко Андоновски за официјалниот сајт на Фудбалската федерација на САД.

 

Се вчитува...