Македонија без Ненад Димитријевиќ на предолимпискиот турнир во Талин

Македонија ќе биде сериозно ослабена на претстојниот предолимписки турнир во Талин, откако во „пет до дванаесет“ од комбинација за настап отпадна најдобриот кошаркар на нашиот национален тим, Ненад Димитријевиќ.

Одличниот плејмејкер настапи на двете пријателски средби со Полска во Белград, но по враќањето во Скопје се пожалил на болка во пределот на тетивата.

„Димитријевиќ нема да патува со нас на претстојниот предолимписки турнир. Тој се пожали на болка во тетивата, како што ме информираа од лекарскиот тим, станува збор за истегнување, повредата не е премногу сериозна, но бара мирување во следните денови и доаѓа во најлош момент за нас“, изјави селекторот Јончевски за ЕКИПА.

Добра вест е што со националниот тим утре за Талин ќе патува Љубомир Младеновски, кој ќе помогне да се намалат главоболките на стручниот штаб во играта под обрачите.

„Проблемите на центарската позиција се добро познати и одлично за нас е што Младеновски ќе патува. Тој се уште има проблеми со грбот, но покажа карактер и иницијатива да дојде и да ни помогне толку колку што ќе биде во можност“, истакна македонскиот селектор.

Нашиот национален тим утре тргнува на пат за Талин. Во рамките од предолимпоскиот турнир Македонија ќе одигра три натпревари, на 12 август во првото коло ќе се сретне со Израел, еден ден подоцна за ривал ќе ја има домашната Естонија, а во последната рунда нашите кошаркари ќе излезат на мегдан со Чешка, меч закажан за 15 август.

Се вчитува...