Македонија чека поддршка од навивачите: Футсал селекција со триумф над Шведска бара место меѓу најдобрите во Европа!

Македонската футсал селекција вечерва од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ го игра можеби најважниот свој натпревар во последната декада. Македонија против Шведска го игра последниот натпревар од Групата 10 во претквалификациите за СП 2024 и со победа би го продолжила квалификацискиот пат меѓу најдобрите европски селекции.

Селекторот Васко Скендеровски верува дека репрезентативците се подготвени да го дадат максимумот и да им се реваншираат на Швеѓаните за оној пораз на првиот меѓусебен натпревар во групата од 5-2.

„Го играме можеби и најважниот натпревар во последните неколку години, натпревар кој може да не вметне меѓу најдобрите репрезентации во Европа. Овие квалификации одигравме три различни натпревари, би рекол најдобриот и најлошиот во изминатата деценија. Најдобриот беше против Италија во Скопје, а убедливо најлошиот во последните неколку години е оној токму против утрешниот противник, со Шведска на гостински терен кога загубивме со 5-2. Победа на денешниот дуел, речиси е извесно не води меѓу најдобрите 20 селекции, борбата за пласман на СП ќе продолжи против најдобрите од Стариот континент“ – вели Скендеровски.

Македонија ќе биде ослабена со неиграњето на неколку стандардни првотимци. Но,….

„Играчите се максимално мотивирани и спремни да го дадат максимумот. Добра вест е дека во составот се враќа Дабиел Де Соуза, но на овој натпревар нема да може да сметаме на суспендираниот Крстевски и Мицевски кој не го издржа последниот тренинг и дефинитивно не е во комбинација за дуелот. Голем хендикеп е неиграњето на едни од двајцата наши најдобри играчи, но што е, тука е. Нема предавање, одиме на победа. И на крај еден апел, и покрај тоа што натпреварот директно ќе се пренесува на МТВ, ги повикам навивачите во што е можно поголем број да дојдат во СЦ Јане Сандански од 19 часот и да не бодрат за да ја оствариме нашата цел“ – дополнува македонскиот селектор.

Во Групата 10 во моментов на првото место е Италија со 7 бода, Шведска има 3 бода а Македонија е со 1 бода, сега со триумф со можност да дојде до втората позиција која води во следниот круг на патот кон СП 2024.

Се вчитува...