Македонија денеска во Цирих ги дознава противниците за плеј-офот за пласман на СП 2026!

Во седиштето на ФИФА во Цирих, Швајцарија, денеска во 13 часот ќе се одржи ждрепката за плеј-офот за пласман на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Ќе бидат извлечени двојките за европскиот, но и за Интерконтиненталниот бараж.

Преку плеј-оф баражот треба да се добија последните четири репрезентации од Европа кои ќе учествуваат на Мундијалот 2026, од вкупно 16 колку што се најдоа во баражот. А, уште два национални тима учесници на СП ќе се добијат преку Интерконтиненталниот плејоф, па ќе се комплетираат вкупно 48 селекции учеснички.

Во ждрепката за европскиот бараж ќе биде и името на Македонија, вторпат едноподруго кога се во прашање мундијалските баражи. Македонија се избори за баражот преку одличниот резултат во Лигата на нациите, па поради тоа ќе се најде во четвртиот квалитативен шешир.

Можни противници во полуфиналето од плеј-офот за Македонија ќе бидат четири селекции од првиот квалитативен шешир: Италија, Данска, Турција или Украина. Македонија во полуфиналето ќе гостува, а потоа во потенцијалното финале, ако го минеме финалето, ќе играме со победник од еден од дуелите меѓу репрезентациите од вториот и од третиот шешир. Потенцијалниот противник за финалето од баражот исто така ќе биде дознаен на денешната ждрепка во Цирих.

На ждрепката во Цирих македонската делегација ќе ја сочинуваат претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, директорот на националните селекции, Горан Пандев и селекторот Благоја Милевски.

ШЕШИРИТЕ ПРЕД ДЕНЕШНАТА ЖДРЕПКА ВО ЦИРИХ

Шешир 1: Данска, Италија, Турција, Украина

Шешир 2: Полска, Велс, Чешка, Словачка

Шешир 3: Ирска, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово

Шешир 4: Романија, Шведска, МАКЕДОНИЈА, Северна Ирска

Покрај европскиот, ќе бидат извлечени и двојките за Интерконтиненталниот плејоф, каде што има шест екипи.

Во Интерконтиненталниот бараж, две селекции се директно во финалето според ранг-листата на ФИФА, ДР Конго и Ирак, додека преостанатите четири селекции ќе одат во полуфиналето, а тука се Јамајка, Суринам, Боливија, Нова Каледонија, притоа Јамајка и Суринам не можат да се сретнат меѓу себе бидејќи доаѓаат од истата конфедерација.

Сите натпревари од Интерконтиненталниот бараж ќе се играат од 23 до 31 март 2026 година во Мексико, на неутрален терен, што ќе биде тест за Мексиканците пред Светското првенство.

Се вчитува...