Македонија до 16 на тренинг камп во Кичево – Каранфилоски: Претставува огромна чест да се работи со овие фудбалери

Младата репрезентација на Македонија до 16 години (фудбалери родени 2006 година), моментално се наоѓа во Кичево на тренинг камп, каде што ќе се проверува и подобрува  моменталната физичка форма на играчите пред претстојните предизвици.

Младата селекција предводена од селекторот Раде Каранфилоски кон крајот на август ја очекуваат два контролни натпревари против силната Турција.

Селекторот на младата репрезентација на Македонија до 16 години, Раде Каранфилоски даде свое видување и коментар за тренинг кампот во Кичево и претстојните натпревари што ја очекуваат оваа селекција

„Организираме тренинг камп во Кичево се со цел да се провери и подобри моменталната форма на младите фудбалери. Ќе го искористиме овој период да се подобриме и на технички и тактички план во пресрет на меѓународните мечеви што не очекуваат кон крајот на месецот.

„Наредната година, оваа генерација ја очекуваат квалификациите за пласман на Европско првенство. Овие тренинг кампови се од голема важност, како и самите меѓународните натпревари со другите селекци. Само така можеме континуирано да напредуваме, да растеме и созреваме како тим и подготвени да ги дочекаме претстојните квалификации.

„Верувам максимално во оваа генерација,  овие млади фудбалери поседуваат голем квалитет. Проблем за подигнување на квалитетот на оваа селекција претставува фактот што не успеа да се формира посебна паралелка за оваа генерација во рамките на ФФМ Академијата, поради мерките што беа превземени во времето на Ковид пандемијата.

„Претставува голема чест и задоволство да се работи со најдобрите и најталентирани играчи во својата генерација, но нивниот развој и напредок најмногу ќе зависи од самите нив, како и тренажниот процес во нивните клубови.

Тренинг кампот на младата репрезентација на Македонија до 16 години ќе биде до 16 август. На 28 август, на програмата е првата контролна средба против силната селекција на Турција.

Се вчитува...