Македонија – Грузија, нов тест за ракометната иднина

Македонската ракометна репрезентација, денеска (16 часот) ќе го одигра последниот контролен натпревар предвиден во ЕХФ неделата. Нашиот национален тим, против составот на Грузија ќе има уште една проверка на потенцијалните репрезентативни сили кои треба да го потполнат ростерот во пресрет на новото учество на големо натпреварување.

Македонскиот состав, вчера, со комбиниран тим славеше победа на Грузија. Дуелот покажа низа слабости и неконстантност во играта, проблеми кои во еден дел можат да бидат оправдани со недоволното искуство на дел од ракометарите, но секако треба да бидат анулирани до јануари кога во најсилен состав, со дел токму од овие играчи ќе треба да се одигра на Европското првенство.

И на денешната пресметка против Грузијците, на теренот нема да биде капитенот, Кирил Лазаров. Тој тоа го потврди по вчерашниот дуел објаснувајќи дека шанса на овие мечеви треба да добијат помладите.

„Сигурно дека има простор за напредок, но тоа е и суштината на овие контролни натпревари, да им се даде шанса на помладите да ги покажат квалитетите, да соберат искуство кое потоа ќе им биде драгоцено. Севкупно гледано, целта е остварена, ракометарите добија можност да покажат што знаат во репрезентативниот дрес, оние кои не играат во клубовите неопходна минутажа за да влезат во ритам. Штета е што помладите и претходно не добиле вакви можности во националниот тим“ – изјави селекторот Данило Брестовац.

Македонската репрезентација претходно во оваа седмица, предвидена за подготвителни и контролни натпревари, на мини турнејата во Турција, забележа победа над домашната селекција, а ремизираше со Италија. На патувањето, селекторот Брестовац, ги поведе само помладите ракометари.

Се вчитува...