Македонија и без најдобрите до пехарот на „Трофеј Карпати“

Ракометната репрезентација на Македонија се закити со пехарот на турнирот „Трофеј Карпати“ што се одржува во Букурешт, откако во големото финале нашиот национален тим го совлада домаќинот Романија со резултат 20-24. Во ситуација кога сите стартни ракометари останаа дома, а Македонија настапи со својот „Б-состав“, одлично е да се знае дека и помладите ракометари, помогнати од искусните Митревски и Велко Маркоски, поседуваат потенцијал за победи на меѓународни натпреварувања.

Почетокот го одбележа цврста игра во одбраната на двете селекции, па во првите десет минути беа постигнати само пет гола (3-2). Романците заиграа нешто подоцно, поведоа со 5-2, но нашите ракометари не дозволија противникот посериозно да се одлепи. Користејќи го исклучувањето на Никола Маркоски, домашната селекција ја одржа предноста од три гола (8-5), пред Македонија да врати со два брзи гола и да намали на 8-7.

На полувреме со замина со водство на Романија од 12-10, но Македонија одигра извонредно во вториот дел. Во првите петнаесетина минути од второто полувреме противникот постигна само четири гола, а нашите млади ракометари го искористија тоа за да го свртат резултатот во своја полза. На Романците не им помогна ниту тајмаутот, па водството на Македонија се зголеми на 16-19. Домашната селекција сепак успеа да се врати, во следните пет минути направи серија 4-1 и израмни на 20-20, на шест минути до крајот од овој финален натпревар.

Кога беше најважно, профункционира нашата одбрана, во следните четири минути Романија не постигна ниту еден гол, па Македонија поведе со 20-22. Домаќините станаа пренервозни, а нашите ракометари го искористија тоа за нови два гола и заслужена победа од 20-24.

Никола Митевски беше одличен на голот, додека во фазата на нападот Танкоски беше најефикасен со осум погодоци, пред Никола Маркоски со четири и Мартин Поповски со три постигнати гола.

Добриот настап во Романија го става селекторот Брестовац на слатки маки, пред одлуката кои ракометари ќе продолжат во втората фаза од подготовките, која ќе стартува од 2 јануари.

Се вчитува...