Македонската ракометна репрезентација забележа победа од 23-26 на првиот натпревар од ЕХФ-седмицата, на гостински терен против селекцијата на Турција. Селекторот Брестовац реши на овој меч да не смета на дел од најдобрите македонски репрезентативци, но младите играчи кои добија шанса максимално ја оправдаа довербата, одиграа добар меч и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Македонија одлично го отвори натпреврот, Маџовски го постигна првиот гол, по што следеше брзо водство од 3-0 за нашиот состав. Предноста меѓу два и три погодоци ја задржувавме умешно во поголемиот дел од првото полувреме, Пешевски им создаваше многу проблеми на Турците на линијата од шест метри. Првото водство од четири гола Македонија го забележа при 12-8 кога прецизен беше Марио Танкоски. Домаќините за момент намалија на 12-10, но следеа три гола во низа на Македонија (Димитриоски, Поповски и Мишевски), за на одмор да се замине со предност на Македонија од 15-11.
Во слично темпо се играше и вториот дел, и покрај замените во тимот не беше дозволено домаќинот да се врати во мечот. Македонија стигна и до „плус шест“ (20-14), а по голот на Крстевски за 22-16 следеше мини-серија на Турците од четири гола. Поповски од пенал го прекина нивниот налет, по што младиот македонски состав искусно го приведе мечот до крај, до конечните 23-26 за Македонија.
Нашите млади ракометари утре ќе одиграат уште еден меч, овојпат против Италија, по што ќе се вратат назад во Скопје. Таму, засилени со капитенот Лазаров и со уште неколку поискусни ракометари, македонските репрезентативци в петок и сабота ќе играат две контролни средби против Грузија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА