Македонија или САД – ИХФ ќе додели уште една вајлд-карта

Македонија повторно се најде на листата на потенцијални патници за СП 2021 во Египет откако ИХФ и официјално го откажа северноамериканскиот квалификациски турнир што требаше да го даде претпоследниот учесник на ракометниот мундијал.

Овој турнир требаше да се одржи во Мексико, но беше оценето дека ризикот од коронавирус е преголем и натпреварувањето беше откажано. ИХФ преку вајлд-карта ќе го одреди и 31. учесник на овој светски шампионат, а дилемата моментно е дали тоа да биде селекцијата на САД или Македонија. Американците веќе почнаа проект за развој на ракометот и ќе бараат кога веќе се дели вајлд-карта, таа да им припадне на нив како претставник на северноамериканскиот континент. Јасно е дека САД со квалитетот е далеку зад европските селекции, па останува да се види дали ИХФ ќе ги прифати аргументите на американскиот национален тим или ќе се реши за нова вајлд-карта за која апсолутен фаворит би била репрезентацијата на Македонија. Нашата репрезентација извиси при поделбата на европските вајлд-карти што им припаднаа на Русија и на Полска, но останува да се види дали „црвено-жолтите“ сепак ќе добијат можност да настапат на СП во Египет.

Доколку се извиси и за оваа вајлд-карта, последна шанса би била неодигрувањето на квалификациски турнир за Јужна и Средна Америка, со што би се отворило место за уште еден национален тим „на зелена маса“ да влезе на ракометниот мундијал.

Се вчитува...