Македонија ја надигра Молдавија, но „ножичките“ на Дамаскан ни украдоа победа (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра реми 1-1 против Молдавија во пријателскиот натпревар кој се игра во Анталија.

Првата шанса нашите фудбалери ја имаа уште во 3. минута кога од некаде од 16 метри биеше Јани Атанасов, но топката помина над голот на молдавскиот голман.

Најголемата шанса Македонија ја имаше во 23. минута кога Елиф Елмас биеше од близина, но само го погоди противничкиот голман. Молдавците својата прва шанса ја имаа во 33. минута кога по еден центаршут Бабогло биеше кон голот на Димитриевски, но топката заврши во гол-аут.

Молдавија имаше нова шансаво 40. минута, но по ударот на Мотпан одлично интервенираше Столе Димитриевски.

Кога сите очекуваа крај на првото полувреме, капитенот Барди биеше од голема далечина, удар по кој лошо интервенираше голманот на Молдавците, а во цела ситуација најдобро се снајде Бојан Миовски кој донесе водство за Македонија од 1-0.

Вториот дел повторно ние први го загрозивме противничкиот гол, но Елиф Елмас повторно не успеа да реализира од непосредна близина. Нашата навала кон голот на Молдавците продолжи и во следниот период, но и ударот на Милан Ристовски во 56. минута заврши покрај голот на противникот. Деби во националниот дрес забележа Редон Ќамили кој во игра влезе во 77. минута на место на стрелецот Бојан Миовски. Токму Ќамили имаше своја шанса само две минути по неговото влегување, но и неговиот удар беше премногу млак кон голот на Молдавија.

И кога мислевме дека се имаме во свои раце неверојатен погодок со „ножички“ постигна Виталиј Дамаскан кој израмни на 1-1. 

Македонија ќе одигра уште еден пријателски натпревар во Анталија, против репрезентацијата на Црна Гора во понеделник.

Се вчитува...