Македонија, како никогаш досега, ја надигра Романија… Но, без гол – нема победа!

Македонската репрезентација како никогаш досега во меѓусебните дуели низ историјата не доминирала против Романија на официјален натпревар, но не успеа да го ефектуира сето тоа со победа ремизирајќи без голови против Романците во 6. коло од Групата Ј во квалификациите за СП 2022. Во шестиот официјален меѓусебен дуел со Романците, ако ништо друго, првпат го освоивме првиот бод.

Избраниците на Блахоја Милевски доминираа во текот на целиот натпревар со серија одлични можности, пред се на Елмас и Барди, но гостинскиот голман Ница бранеше се за конечни реми.

Почетната доминација беше крунисана со првата шанса во 14. минута, кој во извонредна позиција се најде Барди пред голот на Романците. Откако само ја запре топката, Чурлинов се обиде атрактивно со ножички но лесен плен за голманот на гостите.

Во продолжението Спировски во 19. минута имаше добар обид со шут од 25 метри, но непрецизно. Одлична шанса во 34. минута за Елиф Елмас. Мајсторска соло-акција, шутираше од 15 метри, но брани гостинскиот голман.

Романците единствена шанса ја имаа преку Сореску во 22. минута, кој искористувајќи една грешка на нашите дефанзивци украде топка на 30 метри, се обиде потоа да го изненади Димитриевски, но одлично одбрани македонскиот голман.

Со стартот на второто полувреме повторно агресивен старт на македонската селекција. Во 51. минута Елмас во соло акција по левата страна, се избори за шут од десеттина метри откосо но Ница со крајни напори одбрани на самата гол линија.

Во 58. минута нова 100% шанса за Македонија. Сега Елмас одлично го проигра Барди по десната страна, но неговиот шут од 12 метри ниско по земја повторно го брани Ница. Во 73. минута и Барди убаво шутираше од 20 метри, но романскиот голман повторно не дозволува погодок.

Македонија имаше посед на топка од 6%, наспроти 40% на Романците, со дури 14 удари кон противничкиот гол, од кои шест во рамките на голот. Но сето тоа на крајот без погодок, за конечни 0-0.

По ова реми меѓу двете селекции и тоа како ќе биде жестока битката за второто место во групата во последните четири натпревари. Ерменија, Романија и Македонија се на само два бода пред финалните квалификациски дуели.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – 6. КОЛО
МАКЕДОНИЈА – РОМАНИЈА 0-0
Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 5.000. Ж. картони: Ристовски, Костадинов, Муслиу (М) – Неделку (Р).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Муслиу, Велковски (64′ Ристевски), Алиоски, Спировски (78′ Трајковски), Барди (90′ Ашковски), Костадинов, Елмас, Чурлинов (78′ Николов), М. Ристовски (64′ Јаховиќ)
Селектор: Благоја Милевски
РОМАНИЈА: Ница, Рациу, Кирикеш, Неделчеау, Камора, Станчиу, Неделку (43′ Марин), Чикалдау, Сореску (74′ М. Марин), Ман, Марковиќ (63′ Кордеа)
Селектор: Мирел Радои

Се вчитува...