Македонија ќе биде поводот за помирување меѓу Спалети и Тоти

ЕКИПА во Рим,

Никола Станикевски

Фудбалската репрезентација на Македонија в петок од 20.45 часот на „Олимпико“ ќе и гостува на Италија во натпревар од 7. коло во квалификациите за пласман на Европското првенство кое следното лето ќе се игра во Германија.

Натпреварот против нашата репрезентација ќе биде поводот за закопување на секирите меѓу актуелниот селектор на „аѕурите“, Лучијано Спалети и легендата на Рим и италијанскиот фудбал Франческо Тоти.

Легендата на Рома, Франческо Тоти е подготвен да склучи мир со својот поранешен тренер, откако двајцата не разговараа во последните неколку години по нивната контроверзна разделба во 2017 година, што резултираше со пензионирање на Тоти и одлука на Спалети да ја напушти Рома.

Шест години подоцна, двете легенди на „римската волчица“ се подготвени да заборават на се. Според „Газета дело спорт“, Тоти во текот на денешниот ден ќе се сретне со Спалети заедно со членовите на неговиот национален тим и претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина.

Групата ќе ја посети Детската болница Бамбин Гесу во Рим два дена пред натпреварот против Македонија.

Се вчитува...