ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Ракометната репрезентација на Македонија со денешниот натпревар против Гвинеја (18 часот) го завршува настапот во групата Д од ракометниот мундијал што се одржува во Хрватска, Данска и во Норвешка.
Нашите ракометари освоија еден бод во првите две средби, одлично реми со Унгарија и пораз од Холандија на кој „кумуваа“ данските судии, а прикажаната игра на овие натпревари уште повеќе го зголемува оптимизмот пред дуелот со Гвинеја. Африканската селекција е дебитант на големите натпреварувања и како голем аутсајдер допатува во Вараждин, а двата пораза од по 17 гола разлика на првите две средби само потврдија дека оваа репрезентација со квалитетот сериозно заостанува зад ривалите од европскиот континент.
Македонија ќе ја има улогата на голем фаворит, квалитетот и искуството од големите натпреварувања се на наша страна, но на сите им е јасно дека тоа ќе мора да биде оправдано на терен. Поради тоа, селекторот Кире Лазаров јасно стави до знаење дека нема да дозволи никакво опуштање во играта на „црвено-жолтите“ .
„Натпреварот со Гвинеја ни е од круцијално значење. Мораме да се мобилизираме и да го добиеме натпреварот. Нема да калкулираме воопшто, победата ни е потребна за пласман во втор круг. Можеби сме фаворити на хартија, но со оглед дека имавме две тешки и исцрпувачки дуели, очекувам тежок натпревар”, изјави Лазаров во пресрет на денешниот дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА