Македонија на СП низ бројки: Кој најмногу грешеше, а кој „крадеше“ во одбрана…

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски

Заврши уште едно ракометно Светско Првенство за Македонија, во рамките на досегашните пласмани од деветтото до 16. место на последните пет Мундијали. Пласманот во рамките на очекувањата, а и статистиката потврдува дека не извадивме некој „џокер“ од ракавот со кој би направиле чекор напред на светската ракометна сцена.

Филип Кузмановски и Дејан Манасков се играчите со најголема минутажа за Македонија на СП 2019, првиот со 5:50:46 часа, вториот со 5:49:34 часа. Дури и оние помладите не беа целосно заборавени, па така официјалната статистика вели дека Мартин Серафимов одиграл еден час и 22 секунди, Танкоски минал на теренот 55 минути, додека Филип Чурлевски одигра најмалку, само дваесет минути (зад него на оваа листа е само голманот Даскалоски, со девет минути од последниот натпревар).

Кире Лазаров е најдобар стрелец со вкупно 48 погодоци од 74 обиди, зад Манасков со 33 гола од 50 упатени шутеви за време на овие седум натпревари. Стопроцентен ефект во нашите редови има само голманот Митревски (1/1), Пешевски стрелаше со 75% успешност (24/32), а Филип Лазаров на овие седум средби постигна исто толку голови, со само три промашувања.

И двајцата бекови најавени како предводници на следната генерација, Филип Талески и Филип Кузмановски, го завршија Мундијалот со под 50% успешност на шутевите. Бекот на Рајн-Некар Левен постигна 17 гола со 20 промашувања, додека новиот член на Магдебург го заврши СП 2019 со шут 21/44. Ако се знае дека под 50% беше и Стојанче Стоилов (14/31), а десните крила Георгиевски и Поповски процентот го поправија токму во Келн, јасно е зошто и покрај големата желба, пласманот меѓу 12-те најдобри во светот остана недостижен за нашата репрезентација.

Кире Лазаров беше и најдобар асистент со 38 додавања за погодок, пред Кузмановски со 18 и Филип Лазаров со 16 асистенции. Овие тројца се на врвот и на листата на играчи со најмногу грешки, капитенот Лазаров со 13, а Филип Лазаров и Кузмановски по девет.

Во фазата на одбрана Македонија има вкупно 19 украдени топки, убедливо најдобар во оваа категорија е Кузмановски со пет, пред Кире Лазаров со три и Георгиевски и Талески со по две. На седум натпревари македонските ракометари имаа вкупно четири блокирани шутеви, и тоа по еден Стоилов, Чурлески, Маркоски и Кузмановски.

Голманите беа на висина на задачата, Борко Ристовски го заврши шампионатот со 37% успешност, Никола Митревски со 31%, а Даскалоски на единствениот натпревар одбрани два пенали, од кои оној вториот што ја осигура победата над Чиле.

Се вчитува...