Македонија не може само на грбот на три кошаркарки: Пораз од Португалија по лошата последна четвртина!

Македонската женска кошаркарска репрезентација со пораз ги стартуваше квалификациите за пласман на Европското првенство 2025. Во првиот натпревар од Групата Г, Македонија загуби на гостувањето од Португалија со 65-52 (14-10, 20-17, 13-18, 18-7), само поради крајно лошо одиграната последна четвртина во која беа постигнати само 7 поени.

Португалките подобри ги почнаа првите две четвртини од натпреварот, главно со подобра игра во одбраната доаѓајќи на полувремето до предност од 34-27.

Но избраничките на Ашаданов одлично го одиграа третиот период од играта дозволувајќи им на противничките само 13 поени. Македонија во третата четвртина дојде и до целосен пресврт со предност и од 42-45, но Португалките во финишот на овој период со серија 5-0 дојдоа повторно до предност.

Кога се чинеше дека на сличен начин Македонките ќе продолжат и во последната четвртина, неочекувано драстичен пад во играта кај македонските репрезентативки кои постигнаа едвај 7 поени во последните 10 минути, за пораз од 65-52.

Македонската селекција ја носеа на грбот три кошаркарки. Анџелика Митрашиновиќ беше најефикасна со 17 поени, дополнети и со пет асистенции, Мерит Хемпе заврши со 16 поени и седум скока, а Ирина Селцова заврши со 15 поени. Преостанатите четири поени за Македонија ги постигнаа Тасевска (2 поени) и Кметовска (2 поени).

Кај Португалките најефикасна беше Кореа со 15 поени, а Робало заврши со 13 постигнати поени.

Во првиот натпревар од групата Србија сосема очекувано убедливо славеше против Украина со 82-40.

Македонија во второто коло во Скопје ја пречекува Србија во недела (12. ноември) од 18 часот, а Португалија ќе гостува против Украина која како домаќин ќе игра во Рига, Летонија.

Се вчитува...