Македонија не запира – Косово преслушано во Гевгелија

Кошаркарската репрезентација на Македонија во третиот натпревар ја забележа и својата трета победа, славејќи над Косово со убедливи 78-68. Нашите кошаркари беа многу подобри во три од четирите четвртини, па без оглед на падот во играта во вториот период стигнаа до заслужена победа во првиот натпревар што го играа во Гевгелија. Со овој триумф е направен уште еден чекор напред кон главните квалификации за Евробаскет 2021, за што доволно ќе биде да не се се доживее катастрофален пораз во последниот натпревар во февруари, на гостински терен во Романија.

Давитков го вклучи Магдевски во стартната петорка заедно со браќата Стојановски, Бојан Трајковски и Американецот Витингтон.  Само 86 секунди беа доволни за да се наметне моќта на теренот, набрзина поведовме со 6-0, по што Мулаомеровиќ беше принуден експресно да побара тајмаут. Сепак, налетите на македонскиот состав не застанаа, па по помалку од пет минути игра нашиот состав ја имаше и првата двоцифрена предност (12-2), по положувањето на Витингтон. Позитивата без многу мака ја задржавме до крајот на четвртината, па по 10 минути игра резултатот гласеше 29-16 за македонскиот национален тим.

Во втората четвртина непотребно се влезе со инсистирање на удари од далечина, па за неполни минути нашите репрезентативци промашија пет тројки, а гостите ја спуштија разликата под дессет поени (29-20). По повеќе од три и пол минути игра во втората четвртина Македонија конечно ги постигна првите поени преку Бојан Трајковски, но кризата продолжи, па на половина од четвртината Давитков побара тајмаут при водство на Македонија од 31-24. Проблемите се зголемиија откако капитенот Војдан Стојановски направи лична грешка во напад, трета за него, па мораше да биде повлечен од игра. Косово влезе во шутерски ритам користејќи ги грешките на македонските кошаркари, па во 18. Минута водството се истопи на само еден поен разлика (33-32). Во меѓувреме техничка грешка (воедно и трета лична ) заработи Бојан Трајковски, па нашата селекција едвај ја задржа предноста до самиот крај на полувремето, изразена со само три поени разлика (39-36).

На паузата беше забележано дека судиите им доделиле поен повеќе на гостите, па грешката беше испратена, а вториот дел почна со резултат 39-35. Серијата промашени тројки конечно ја прекина Дамјан Стојановски, па веќе во 23. Минута предноста повторно беше двоцифрена (45-35). И повторно непотребно се влезе во серија на промашени удари во далечина, но добрата одбрана ја одржуваше двоцифрената позитива. Конечно, врзавме и неколку добри напади во серија, па стигнавме и до најубедливи 17 поени разлика (61-44), пред  Бериша со тројка  да ги постави конечните 61-47 на крајот од третата четвртина.

Косово ја отвори последната четвртина со пет поени во низа, но за разлика од вториот период овојпат Македонија имаше одговор. Витингтон влезе во посакуваниот ритам токму во четвртата четвртина, па по неговото забивање за водство од 70-56 Мулаомеровиќ беше принуден да побара уште еден тајмаут. Победата воопшто не беше доведена во прашање, а големата предност овозможи во последните две минути да дојде до пад во концентрацијата на нашите кошаркари, па победата беше изразена со конечни 10 поени разлика (78-68).

Бојан Трајковски одигра одличен натпревар со дабл-дабл од 23 поени и 10 скокови, Витингтон реализираше 15 поени, Војдан Стојановски 13, а Дамјан Стојановски 10 поени за „црвено-жолтите“.

Без оглед на максималниот ефект во досегашните три кола, првото место во групата се уште не е обезбедено. Тоа ќе мора да се стори на гостувањето во Романија на 21 февруари, на кое на нашите кошаркари ќе им биде доволен и пораз не поголем од 14 поени разлика.

Се вчитува...