МАКЕДОНИЈА нека има ПОБЕДНИЦИ и во 2019!

Македонија знае да им се радува на спортските херои. Во годината што изминува ги имавме, не премногу, но доволно за да го одржиме континуитетот, и да се надеваме дека следната 2019 ќе биде многу поуспешна.

Во спортот секогаш се паметат победниците…

ИГОР АНГЕЛОВСКИ
Конечно, се радуваме и во фудбалот. Националниот тим ни донесе многу радости во 2018 година, ни ја врати надежта во најубавата споредна работа на светот и ни ја донесе вербата дека Македонија може да биде дел и од Европското првенство во 2020 година. Селекторот Игор Ангеловски заслугите им припиша на фудбалерите, но петте победи и само еден пораз, и првото место во групата од Лигата, кое донесе место во плејофот за пласман ЕП, секако се и негов голем успех.

Во 2019 година претстојат квалификациите за ЕВРО 2020 во кои треба да се потврди квалитетот со многу посилни ривали.

КИРЕ ЛАЗАРОВ
Две децении е веќе во врвниот европски ракомет, и секако предводник на македонскиот национален тим. Во 2018 година е избран меѓу десетте најдобри светски ракометари, а со Нант играше и во фајналфор во Лигата на шампионите.

„Бум бум Кире“ е спортист за пример, вистински ракометен „бомбардер“, крал на стрелците, а на стартот на новата 2019 повторно ќе ја води Македонија во нова мундијалска одисеја.

 

ЕМИЛ ПАВЛОВ
Штипската крв совре во Нови Сад и донесе ново европско злато за Македонија, Емил Павлов беше надмоќен против комплетната континентална конкуренција во категоријата до 60 килограни. Каратето по традиција носи многу радости за нашата земја, а Емил Павлов веќе ја навикна спортската јавност дека е еден од нашите супер-адути. Со овој успех го заслужи и признанието за спортист на годината во изборот на Агенцијата за млади и спорт за 2018 година.

Тој е првиот спортист од Македонија кој освоил златен медал на големо натпреварување во олимписки спорт. Каратето од Токио 2020 влегува на голема врата на ЛОИ, а можеби Емил Павлов и таму ќе биде нашиот голем адут.

ЕНИС БАРДИ
Скромното момче кое дојде од Ујпешт ја покори Ла Лига и стана еден од најдобрите изведувачи на слободни удари. Го споредуваат со Лионел Меси, за него се интересираат клубови од Премиер – лигата, а без него веќе и не може да се замисли средниот ред на фудбалската репрезентација на Македонија. Енис Барди е веќе бренд во шпанското првенство и во европскиот фудбал, а најдоброто од него допрва ќе следи…

 

ОЛИВЕРА НАКОВСКА БИКОВА
Македонската параолимпијката, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, е првата којха веќе има обезбедена норма за настап на ПОИ во Токио 2020 година. Таа на Светското првенство во Ченгју, Јужна Кореја, во дисциплината воздушен пиштол, во основниот дел беше првопласирана со погодени 570 круга и го израмни светскиот рекорд на Сарех Јаванмарди од Иран и на Ирина Лиаки од Украина.

Во дисциплината спорт пиштол, 25 метри, Наковска-Бикова, со 569 круга влезе во финалето како четвртопласирана меѓу 32 спортисти што се бореа за медал. Тој пласман за неа значеше директна квота за учество на Параолимписките игри (ПОИ) 2020 во Токио.

МАРИН ДОКУЗОВСКИ
Селекторот кој ја одведе кошаркарска Македонија до небесни европски височини, секако, е „доктор“ за домашната сцена. Во 2018 година успеа да го врати Работнички на тронот и ја врати шампионската титула во „Градски парк“. По неколку турбулентни години и доминацијата на МЗТ Скопје, Марин Докузовски го најде лекот за да му донесе нов шампионски пехар на најтрофејниот кошаркарски колектив.

И во тековната сезона, Работнички игра одлично, и е главен претендент за одбрана на трофејот.

Се вчитува...