Македонија од четвртиот шешир на 7. декември ќе ги дознае противниците во квалификациите за СП 2022

Македонската репрезентација на 7. декември ќе ги дознае противниците во квалификациите за пласман на Светското првенство 2022 година кое ќе се одржи во Катар. ФИФА денеска одлучи ждрепката за европските квалификации да се одржи на 7. декември од 18 часот во Цирих, а квалификациите ќе траат од февруари до ноември следната година.

Во европските квалификации ќе учествуваат 55 земји од Стариот континент, а Македонија, согласно рејтингот на ФИФА листата, веќе е јасно дека ќе биде во четвртиот шешир пред ждрепката. Распределбата на селекции по шешири ќе се разгледува согласно ФИФА листата која ќе биде објавена на 26. ноември, но Македонија уште сега е познато дека ќе биде во четвртиот шешир.

Ждрепката за квалификациските групи ќе биде он-лајн, без можност претставниците на националните федерации да присуствуваат во живо поради пандемијата на коронавирусот.

Вкупно 55 селекции ќе бидат поделени во десет квалификациски групи, пет со по шест репрезентации и пет групи со по пет репрезентации. Десет победници од групите ќе се пласираат директно на СП 2022, а десетте второпласирани тимови, како и две репрезентации од Лигата на нации, ќе играат дополнителни квалификации.

Овие 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи со по четири селекции кои ќе се борат за уште три визи за СП 2022.

Се вчитува...