Македонската ракометна репрезентација го претрпе вториот пораз во квалификациите за ЕП 2025 откако вечерва загуби на домашен терен од Словенија со 26-32. Конечниот исход е разочарувачки ако се земат во предвид супериорните први дваесетина минути во кои нашата репрезентација имаше шест гола предност, но не успеа да го издржи темпото, а одличниот словенечки состав предводен од Влах и Јанц направи целосен пресврт, на крајот стигнувајќи и до убедлива победа.
Дуелот го почнавме со Митревски на голот, Лазаревски како пивот, Кузманоски и Ненад Костески на крилните позиции и бековската линија составена од Митев, Велковски и од капитенот Филип Кузмановски. Токму Кузмановски со една мајсторија донесе предност од 1-0, по што веднаш следеше и првата интервенција на Никола Митревски на спротивната страна. Фуриозниот старт на Македонија продолжи, па по двата гола на Кузмановски и на Митев поведовме со 4-1 по шест минути игра.
Шоуто на нашите бекови продолжи, па во 12. минута Македонија имаше водство од 7-3 (четири гола на Кузмановски, три на Митев). Цела сала стана на нозе да аплаудира по фантастичнот погодок на Цветан Кузманоски, со цепелин на асистенција на десното крило Костески. Во игра во меѓувреме влегоа Серафимов и Пешевски, а токму по нивната комбинација исккусниот пивот зголеми на 10-4 (16. минута), по што една минута подоцна Зорман беше принуден да побара тајмаут.
Судиите им дојдоа на помош на гостите, не досудувајќи два очигледни пенала за Македонија за нецела минута, по што на спротивната страна тензија дополнително крена директниот црвен картон што го доби Карасманакис, по што Влах од пенал намали на 11-8. Кузмановски даде важен гол со играч помалку, но дојде до криза во нашата игра што противникот го искористи за да намали на два гола разлика (13-11, 25. минута). Серафимов од седум метри ја прекина мини-серијата на Словенија, разликата се движеше меѓу два и три гола, за Словенците на самиот крај од полувремето да намалат на 16-15.
Почетокот од второто полувреме донесе израмнета игра, но судиите од БиХ повторно стапија на сцена со неколку недосудени груби прекршоци на гостите, помагајќи Словенија во 38. минута да стигне до своето прво водство (18-19). При 19-20 Лазаров го уфрли Кизиќ на голот на местото на Митревски, но Словенците се полесно реализираа, по што Лазаров беше принуден да побара тајмаут при првата негатива од два гола (20-22). Публиката се разбуди и даде поддршка, Митев веднаш даде гол, но Словенија продолжи да доминира, зголемувајќи го водството на 21-24, резултат при кој Џонов не реализираше контранапад. Влах казни со нов гол за 21-25 на половина од второто полувреме, бекот на Алборг беше доминантен десеттиот гол постигнувајќи го во 49. минута.
По исклучувањата на Благотиншек и на Јанц успеавме да намалиме на 24-27, Митревски одбрани пенал по кој Кузмановски погоди за 25-27, но следеше гол во празна мрежа (исклучен беше Јагуриновски). Словенците беа доволно искусни за да го исконтролираат резултатот до самиот крај, славејќи со конечни 26-32.
Капитенот Кузмановски со 10 гола беше најефикасен во нашиот табор, Марко Митев постигна пет гола, а четири погодоци беа дело на Жарко Пешевски.
Клучен играч кај Словенија беше резервниот голман Базник, кој собра 14 интервенции откако влезе во игра на половина од првото полувреме, откако Лесјак немаше ниту една одбрана додека беше на голот на гостинот. Во нападот н гостинската селекција најзабележителни очекувано беа Влах со 10 и Јанц со седум погодоци.
Овие две репрезентации в недела го Копер го играат вториот дуел од овој двомеч. Шансите за пласман во следната фаза воопшто не се загубени, но за билет за ЕП 2026 неопходно ќе ни биде (во случај на пораз во Копер) да славиме во последните две рунди, дома со Литванија и на гостински терен против Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА