Македонија сака победа против мотивираните Швајцарци

Македонската ракометна репрезентација со денешниот натпревар против Швајцарија (18 часот, СЦ „Јане Сандански“ во Скопје) го заврши квалификацискиот циклус за ЕП 2022. Квалификации кои беа апсолутно успешни, пласманот на ЕП е обезбеден уште во пресрет на ова последно коло, а како историска ќе биде запишана мартовската победа над актуелниот светски првак Данска.

Македонија го има осигурано второто место во групата, така што денешниот дуел со Швајцарците нема преголемо резултатско значење, за разлика од противникот, кој со победа денеска стигнува до билет за европскиот шампионат. Сепак, селекторот Лазаров и сите ракометари се максимално мотивирани за да стигнат до велигденски триумф за успешен крај на овој циклус, но и најава за уште подобри изданија на претстојниот европски шампионат што во јануари 2022 година ќе се одржи во Унгарија и во Словачка.

Впрочем, Лазаров заедно со својот асистент Филип Миркуловски се најде и на списокот на играчи за денешниот дуел, како јасен знак дека Македонија ќе даде се од себе за да стигне до победата и да им ги замрси сметките на мотивираните Швајцарци. Во тимот ќе недостига единствено Дејан Манасков, кој заработи лесна повреда на дуелот со Финска и ќе го пропушти денешниот меч.

„Работиме во одлична атмосфера, верувам дека на сите ќе им биде од големо значење да излеземе на терен и да ја победиме Швајцарија. Јас веќе им кажав на ракометарите – Швајцарија е екстра квалитетна репрезентација, која на последното СП им направи проблем на сите големи селекции. Тоа не е истата репрезентација што ја победивме во октомври на гостински терен, имаат многу промени во сите делови на ракометната игра, како во составот, така и на тактички план. Ова е голем предизвик и за нас како стручен штаб, да се подготвуваме за квалитетни селекции како што е Швајцарија. Сакаме ете за наша душа, за Велигден да дадеме сѐ и да одиграме еден квалитетен меч, за да победиме и триумфално да го завршиме овој циклус“, изјави македонскиот селектор.

Се вчитува...