Македонија се врати од „минус четири“: Митев и Томовски донесоа победа над Турција

Македонија со победа ги заврши квалификациите на ЕП 2024, славејќи на последниот дуел, на домашен терен против Турција со резултат 30-27. „Црвено-жолтите“ покажаа карактер и се вратија од четири гола негатива, а најзаслужни за големиот пресврт беа младиот бек Марко Митев и одличниот Мартин Томовски на голот на нашата репрезентација. Црна дамка на триумфот остави тешката повреда на Филип Кузмановски во првото полувреме, по што одличниот бек го очекува повеќемесечна пауза од терените. Македонија со овој резултат и дефинитивно го освои второто место во групата, што би требало да донесе и нешто полесни ривали во групната фаза од ЕП 2024.

Игор Ѓоргиев го отвори резултатот за рано водство од 1-0, а само дваесетина секунди подоцна Јагуриновски пропушти можност од контранапад да зголеми на 2-0 за Македонија. Во наредниот напад Атанасијевиќ од зицер од крило ја погоди гредата, а по грешката на Талески Турците стигнаа до првото водство на мечот (1-2). Македонија набрзо го сврте резултатот во своја полза, поведе со 3-2, а по серијата одбрани на Мартин Томовски следеше и прво водство од два погодоци (5-3), со првиот гол на мечот на капитенот Гоце Георгиевски.

Македонските ракометари влегоа во ритам што противникот не можеше да го следи, па преку Талески поведовме со 7-4, а по 15 минути игра резултатот гласеше 9-5 за нашата национална селекција, по голот од седум метри што го постигна Филип Кузмановски. Турскиот селектор побара тајмаут, а по двете загубени топки на Филип Кузмановски гостите намалија на 10-9. Се играше израмнето се до 23. минута, кога Лазаров се соочи со дополнителен проблем по повредата што ја заработи Филип Кузмановски. Еден од ретките интернационалци во нашиот табор незгодно доскокна по една акција во нападот, веднаш стана јасно дека проблемо е сериозен, па Кузмановски мораше на носилки да биде изнесен од теренот. Македонија преку Талески поведе со 15-13, но потоа следеа нови грешки во нашиот напад по што Турците се вратија и на одмор се замина со израмнети 15-15.

 

Второто полувреме почна со исклучување на Митев, по што Турците од седум метри дојдоа до предност од 15-16, а за два минути гостите постигнаа уште два погодоци со играч помалку и го принудија Лазаров при 15-18 да побара минута одмор. Јагуриновски погоди за 16-18, но при овој резултат не реализиравме два напади (Талески и Георгиевски). Јагуриновски презеде одговорност со уште еден гол и изнуден пенал, но Турците успеваа да ја задржат предноста од плус три (18-21, 40. минута). Благодарение на Ѓоргиев и Митев нашата селекција намали на 20-21, но Турците одговорија со свои три погодоци за најубедливо водство од 20-24.

„Црвено-жолтите“ покажаа карактер кога беше најважно, па набрзина целосно се вратија во натпреварот и преку Јагуриновски израмнија на 24-24, на десет минути до крајот. „Борис Трајковски“ имаше причина за славје кога Митев одлично втрча низ зоната и погоди, враќајќи ја нашата репрезентација во водство од 26-25, прва предност на Македонија во второто полувреме. Томовски беше одличен во овие моменти, спречувајќи уште еден зицер на турскиот пивот, пред Митев со нов гол да зголеми на 27-25. Младиот бек на Алкалоид го постигна и третиот гол во низа за предност од 28-26. Онака како што доликува Гоце Георгиевски го изведе последниот пенал за Македонија и погоди за 30-26, за на крај овој интересен натпревар да заврши со триумф на нашата национална селекција од 30-27.

Томовски блескаше на голот со 16 успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Митев и Пешевски со по пет погодоци, Серафимов беше прецизен четири пати, а по три гола постигнаа Кузмановски и Ѓоргиев.

Се вчитува...