Македонската ракометна репрезентација денеска од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекува Словенија во третото квалификациско коло за место на Европското првенство 2026.
По победата над Естонија и поразот од Литванија во групата, избраниците на Кире Лазаров сега силно атакуваат на победа во Скопје, со поддршка и од „Фалангата“ за триумф кој ќе не одведе чекор понапред кон ЕП.
Еден од најискусните во репрезентацијата, пикерот Жарко Пешевски вели дека Словенија е сериозна репрезентација, но секој во македонскиот табор е максимално подготвен за надигрување.
„Имаме голем респект кон Словенија, тоа е сериозна репрезентација која не пропушта големи првенства, редовен учесник и на Олимписки игри, имаа добар олимписки циклус. Тоа е тим со квалитетни играчи и според мене е во Топ 10 репрезентациите. Ќе биде двомеч во кој ќе ни се пружи убава шанса да се надигруваме со нив. Првиот меч, пред полна сала имаме шанса не само да им отежниме, зошто да не се надеваме и на позитивен резултат“, вели Жарко Пешевски.
Селекторот на Словенија Урош Зорман, пак, за денешниот натпревар нема да смета на дури 11 играчи кои играа на Светското првенство во јануари. Од разни причини во Скопје нема да играат Доленец, Мачковшек, Цехте, Овничек, Ферлин, Новак, Хенигман, Кљун, Зарабец, Кавчиќ и Mитја Јанц.
Македонија одигра одлично светско првенство под водство на Лазаров, па сега желбата е победа за чекор кон водечките две позиции во групата кои ќе обезбедат место на ЕП 2026.
Денеска се игра и вториот натпревар од нашата група во кој Естонија од 18 часот ја пречекува Литванија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА