Македонија со Лазаров има победнички карактер, Митревски ги остави Швајцарците без ЕП

Македонската ракометна репрезентација ги одигра најуспешните квалификации за еден европски шампионат, откако во шестиот меч ја забележа и петтата победа, овојпат на домашен терен над Швајцарија со минимални 29-28. Селекторот Кире Лазаров се повеќе успева да го наметне победничкиот менталитет што го поседува врз остатокот од националниот тим, па Македонија денеска одигра одличен меч иако резултатот не беше пресуден за нашиот пласман на ЕП. На спротивната страна, Швајцарците беа премотивирани бидејќи со победа стигнуваа до билет за европскиот шампионат, но на нивниот пат застана Никола Митревски, кој со бројни одлични интервенции во второто полувреме донесе победа на нашиот национален тим.

Анди Шмид погоди двапати во почетните минути и донесе рано водство на Швајцарија, а на голот на противникот блескаше Портнер, кој набрзина одбрани два пенали и уште неколку зицер удари на македонските ракометари (Талески имаше два неуспешни обиди за цепелин). Кире Лазаров го зеде првиот тајмаут при негатива од 5-8, потоа на теренот влегоа дел од најискусните ракометари и предноста на швајцарскиот состав експресно беше стопена. Во последните минути од полувремето се играше „гол за гол“, а на одмор се замина со израмнети 16-16.

Никола Митревски собра три интервенции во почетните пет минути од второто полувреме, создавајќи им проблеми на гостите при нивниот напад „седум на шест“. Сепак, ниту нашиот напад не беше на висина на задачата, па беа пропуштени неколку шанса за да се стигне до предност на почетокот од вториот дел. Филип Кузмановски постигна два гола за нецели две минути, донесе минимално водство на Македонија од 19-18, по што швајцарскиот селектор беше принуден да побара тајмаут. Во продолжението десетина минути се играше „гол за гол на двете страни“, па на деет минути до крајот резултатот беше израмнет, 22-22.

Никола Митревски го продолжи своето шоу на голот со нови интервенции, во нападот во ритам влезе Гоце Георгиевски, кој донесе предност од 26-23. Во завршницата Лазаров се реши за „седум на шест“ во нападот, Пешевски погоди во важен момент за 28-25, принудувајќи го швајцарскиот селектор на тајмаут на помалку од три минути до крајот. Сепак, ваквата тактика придонесе противникот експресно да се приближи на 28-27, пред Миркуловски да постигне значаен гол за нова предност од два погодоци за Македонија, ставајќи крај на сонот наречен ЕП 2022 на швајцарските ракометари.

Македонија го освои второто место во групата, зад лидерот Данска и се пласираше за ЕП 2022, што во јануари следната година ќе се одржи во Унгарија и во Словачка.

Се вчитува...