Македонија со победа над Кувајт ги стартуваше подготовките за ЕП

Ракометарите на Македонија вечерва со победа над Кувајт од 31-21. ги стартуваа подготовките во пресрет на европскиот шампионат што ќе стартува на 13 јануари.

Првото полувреме беше одиграно тактички и претпазливо од двете страни, а на пауза се замина со 14-13, минимална предност за нашата репрезентација.

Сепак, Македонија приреди вистинска доминација во вториот дел, успевајќи да реализира пет напади без притоа да прими гол, а гостите за првпат ја затресоа нашата мрежа дури во 43. минута.

Никола Митревски, Филип Кузмановски и Мартин Велковски не беа во составот на селекторот Кире Лазаров, а деби настап доби младиот Марко Стојковиќ.

Вториот пријателски дуел меѓу Македонија и Кувајт е закажан за среда. Нашите ракометари на почетокот од 2022 година ќе одиграат уште две контролни средби, во Скопје пречекувајќи ја селекцијата на Израел на 3 јануари и на 4 јануари.

Македонија ќе биде дел од групата А на ЕП 2022 што ќе се игра во Дебрецин, Унгарија, каде нашите ракометари во премиерниот меч на 13 јануари ќе се сретнат со Словенија.

Горан Крстевски на овој натпревар беше исклучен од игра, откако по еден несмасен старт врз противничкиот ракометар му беше доделен црвен картон.

Се вчитува...