Македонија со подмладена репрезентација на СП во јануари?

За десетина дена машката ракометна репрезентација ќе стартува со подготовките пред настапот на Светското превенство што ќе се одржи од 10 до 27 јануари во Германија и во Данска. За неколку дена ќе биде познато и на кои ракометари ќе смета селекторот на Македонија, Раул Гонзалес за настап на Мундијалот на кој се брка и место во олимписките квалификации за Токио 2020. Иако се уште не е дефинирано, според најавите можно е Македонија на ова СП да настапи со осетно подмладена репрезентација.

Последниот настап во октомврискиот дел од квалификациите за ЕП 2020, со тесна победа против Турција дома и шокантен пораз од Грција во Кожани, го вклучи црвеното светло дека на македонскиот национален тим дефинитивно му треба малку повеќе „свежа крв“ и влог за иднина.

Од младите ракометари со репрезентативен потенцијал, на списокот на Раул Гонзалес за претстојното СП, би можеле да се најдат и имињата на Марио Танкоски, Мартин Серафимов, Димитар Димитриоски, Томислав Јагуриновски, Марко Мишевски или Стефан Дрогришки од оние поискусните од средната генерација.

Кој може да го замени Филип Миркуловски?

Од стандардните носители на играта во македонскиот состав засега најнеизвесна е состојбата со Филип Миркуловски. Играта на македонската репрезентација со и без Миркуловски дефинитивно не е ист, се виде тоа и на дуелите со Турција и со Грција. Засега за него се уште нема соодветна замена, но не е исклучена ни можноста во Германија да бидеме без капитенот на Вецлар кој поради повреда не настапи ни на последниот меч на неговиот тим против Фленсбург во Бундеслигата.

Миркуловски еднаш веќе се прости од националниот тим по јунскиот бараж во 2016 година. Се врати да помогне за СП 2017 во Франција, а потоа и за ЕП 2018 во Хрватска. Ќе може ли да стисне заби за уште еден шампионат, ќе се знае деновиве.

Од она што е на располагање, прва алтернатива на среден бек од новата генерација е Филип Кузмановски. Доколку Миркуловски не игра во опција влегува и Стефан Дрогришки кој имаше коректен настап во националниот тим на СП 2017, но потоа отпадна од потесниот круг. Дрогришки во меѓувреме од Металург се пресели во Еурофарм Работник, но не се наигра многу таму, па на сред сезона се врати во матичниот Пелистер и во старата форма.

Со голем потенцијал, но со малку помало искуство е младинскиот репрезентативец од Вардар, Марко Мишевски.

Најсериозните кандидати во базата на Металург

На десната бековска позиција по повредата на Мартин Велковски меѓу подмладокот ќе се бара алтернатива што ќе може да го замени и да го одмори Кире Лазаров. Тука најреалната опција е во редовите на Металург. Мартин Серафимов со својот талент е 18-годишна верзија на капитенот. Можноста играчки да созрева покрај Лазаров е влог за иднина и шанса да бидеме спокојни на десната бековска позиција и во наредните 20 години. Она што му недостасува на младиот бек на Металург во моментов е малку повеќе снага за игра во одбрана.

Другата опција е Томислав Јагуриновски, крилен играч прекомандуван на бековската позиција. Физички посилен, но играчки понеконстантен. Проблем кај Јагуриновски може да биде и повредата поради која го немаше многу ни во составот на Металург на последните натпревари.

Со се позабележителните настапи, рационалноста, ефикасноста и неговата полезност во играта, во кругот на кандидати за место во сениорскиот тим сериозно се наметнува левото крило на Металург, Димитар Димитриоски. Негов дополнителен квалитет е тоа што Димитриоски може по потреба да одигра солидно и на среден бек.

Подмладувањето како влог за иднина

Колку од овие потенцијални кандидати ќе влезат во изборот на селекторот ќе се види деновиве. Факт е дека подмладувањето носи извесен ризик, посебно на големо натпреварување на кое се брка пласман во олимписки квалификации. Но, дефинитивно носи и многу поголема енергија, борбеност и посигурна иднина. Впрочем, барем досега секогаш вклучувањето на нови млади играчи во националниот тим се покажало како полн погодок. Лазаров на 19 години го играше своето прво СП во Египет и израсна во светска класа. Дејан Манасков на 20 години блесна на ЕП 2012 во Србија. Филип Кузмановски беше откритие во својот деби настап за сениорскиот тим на ЕП 2016 во Полска, Филип Талески си го потврди своето место во националниот тим на СП 2017 во Франција…

По комплетирањето на составот околу 25-26 декември и со сите празнични прекини во јануари, не останува многу време за некои подолги подготовки на репрезентацијата пред настапот на СП. Единствена проверка ќе бидат двата контролни натпревари со Србија. Настапот на СП во Германија, Македонија го почнува на 11 јануари против Јапонија. Во групата од првата фаза во Минхен се уште и селекциите на Шпанија, Исланд, Хрватска и Бахреин.

Се вчитува...