Македонија со сите сили во Виена: Со Димитријевиќ и Рајт против Австрија

Макeдонија ќе настапи со најсилниот состав на почетокот на новиот претквалификациски циклус за Евробаскет 2029, гостувањето во Виена против Австрија на крајот од овој месец што важи за клучен натпревар во овие претквалификации.

Ненад Димитријевиќ дал зелено светло и ќе ја предводи Македонија на овој дуел откако најдобриот македонски кошаркар се согласил да дојде на подготовките и потоа да даде свој придонес во минување на уште едно скалило кон исполнување на конечната цел – Македонија по повеќе од една деценија да се најде на еден евроски шампионат.

Арис веќе даде зелено светло, а во изминатите денови стигнала и потврдата од самиот кошаркар, кој по повеќе од една година пауза повторно ќе го облече репрезентативниот дрес.

Нено крај себе ќе го има Мозес Рајт, најдобриот странски кошаркар што Македонија го има во последните години. Извонредниот центар требаше да потпише за Барселона, во меѓувреме се пресели во Олимпија Милано, но и тој начелно се согласил да дојде кон крајот на месецот и да го одигра овој исклучително важен меч, на кој победа широко би ни ги отворила вратите кон главните квалификации.

Селекторот Берокал крај себе ќе го има и Андреј Јакимовски, капитенот Војдан Стојановски и уште неколку кошаркари кои го понесоа товарот во претходниот претквалификациски циклус, па нема сомнеж дека таа група надополнета со Димитријевиќ и со Рајт ќе има што да каже на гостувањето во Виена.

Се вчитува...