Македонија со скок од две места на ФИФА ранг-листата

Македонската фудбалска репрезентација забележа скок од две места на најновата ранг-листа на ФИФА објавена денеска, на која нашиот национален тим се наоѓа на 69. позиција. „Црвено-жолтите“ одиграа два добри натпревари во септември, ремизирајќи на гостувањето во Израел, за потоа да стигнат и до цел плен на дуелот во Рига против селекцијата на Летонија.

Тоа им овозможи напредок на ранг-листата на ФИФА, каде ги прескокнаа селекциите на Јужна Африка и на Саудиска Арабија.

На чело на најновата ранг-листа останува селекцијата на Белгија, а Франција го прескокна Бразил и сега е второрангирана светска репрезентација. Зад „кариоките“, листата од Топ 10 светски селекции ја комплетираат Англија, Португалија, Уругвај, Шпанија, Хрватска, Колумбија и Аргентина.

Од селекциите во нашата група најдобро рангирана е Полска на 22. место, пет позиции зад Полјаците е Австрија, репрезентацијата на Словенија е на 58. место, Израел на 86. позиција, додека Летонија по последните порази падна на 139. место.

Се вчитува...