Македонија со скок од две места на ранг-листата на ФИФА

Фудбалската репрезентација на Македонија забележа напредок од две места на најновата ранг-листа на ФИФА и сега се наоѓа на 71. позиција. Во периодот од јуни до јули годинава нашиот национален тим не одигра ниту еден натпревар, но поради континенталните првенства во Јужна и Северна и Средна Америка, како и во Африка и падот на некои репрезентации нашиот А-тим напредуваше на ФИФА ранкингот.

Од противниците на нашата репрезентација во квалификациите за Европското првенство 2020, Полска е 20. фудбалска репрезентација на светот, Австрија доживеа пад од едно место и сега е на 27. позиција, а Словенија е на 63. место и е само осум места подоброрангирана од нашиот национален тим. На ранкингот по македонската репрезентација се Израел на 84. позиција и Летонија на 134. место.

На врвот нема промени, Белгија се уште е прворангирана светска селекција, но Бразил по трофејот на Копа Америка ја прескокна Франција и сега се наоѓа на втората позиција, со само 20 поени заостанување зад Белгијците. Алжир по освоената африканска круна оствари огромен скок од 28 позиции и сега се наоѓа на 40. место на ФИФА ранг-листата.

Се вчитува...