Македонија во баражот ја очекува мини-европско првенство, во квалификациите зад нас останаа и селекции како Украина, Австрија, Чешка, Норвешка, Грција, Унгарија…

Македонија во март следната година низ плеј-офот за пласман на Светското првенство 2022 ја очекува во суштина еден вид мини-европско првенство.

Кога ќе се погледне составот на репрезентациите кои ќе партиципираат во мундијалскиот бараж, од носителите Италија, Португалија, Шкотска, Русија, Шведска и Велс, па се до Австрија, Украина, Турција, Полска, Чешка кои се заедно со нас на листата неносители, појасно се добива сликата за тежината на успехот на националниот тим кој запиша историја преку најуспешниот свој квалификациски циклус од независноста.

„Ќе помине време за да веројатно ја разбереме вистински тежината на овој успех. Да се биде меѓу најдобрите во Европа, обезбедено место на еден ваков начин јасно кажува за нашиот квалитет“ – истакна по победата над Исланд и капитенот Стефан Ристовски.

За разлика од претходно обезбеденото учество на ЕП преку далеку полесната варијанта – Лигата на нации, факт е дека македонската селекција, согласно резултатски ефект, сега заврши на 19. место од вкупно 55 репрезентаци колку што учествуваа во квалификациите, што при квалификации за Европско првенство би значело и директен пласман на ЕВРО. Зад Македонија согласно статистичкото сумирање на УЕФА според резултатскиот ефект во квалификациите за СП 2022 останаа и репрезентациите на Украина и Австрија од кои загубивме на Европското првенство во Романија, но и селекции како Норвешка, Чешка, Финска, Грција, Израел, Унгарија, Словачка…

Од десетте второпласирани репрезентации низ квалификациите за Мундијалот, Македонија е деветта, пред Украина која има послаб резултатски ефект. Директен пласман во Катар обезбедија, пак, Шпанија, Франција, Германија, Швајцарија, Србија, Хрватска, Англија, Белгија, Данска и Холандија.

Македонската репрезентација предводена од Благоја Милевски, кој по вторпат во само четири години успева да запише историски успех со селекциите кои ги предводи по пласман на ЕП 2017 во Полска со младата репрезентација, низ евентуалните два натпревари во баражот, во март во реалност ја очекува и еден вид настап на Европско првенство.

„Но, сето тоа е само предизвик повеќе за сите нас. Кога сте во тоа друштво, јасно е дека мотивот за нова демонстрација на квалитетот кај секој од нашите фудбалери ќе биде на уште повисоко ниво. И, секако нашата амбиција е да не се застане само на пласманот во баражот…“ – вели творецот на оваа генерација фудбалери која ги носи најголемите успеси во македонската историја, селекторот Милевски.

Се вчитува...