Македонија за честа и реванш за срамот во Манчестер против Англија

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 20.45 часот на националната арена „Тодор Проески“ ќе ја пречека Англија во последното коло од квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија.

Иако мечот нема резултатско значење за двете репрезентации, сепак нашите фудбалери имаат мотив да го обелат образот за срамот кој што го доживеаја во првиот меч во Манчестер.

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски пред дуелот вели дека ова е одличен меч за младите играчи да играат против веројатно најдобрата репрезентација во светот.

„Ние веќе направивме доста измени и во составот и во начинот на кој функционираме. Во септември, октомври и сега имаме друга физиономија со млади играчи и сме во фаза на создавање нов тим. Од ова што го гледаме имаме добра перспектива. Нормално е кога има млади играчи да има и осцилации, но сето тоа е процес бидејќи овие мечеви се одлична шанса бидејќи можете да играте против веројатно најдобрите во светот“, вели Милевски.

Голманот Столе Димитриевски, пак, вели дека мора да покажат дека на мечот во Англија тоа не беше вистинската Македонија.

„Мечот на „Олд трафорд“ беше многу тежок за нас. Со нашите квалитети не е реален резултатот, но тоа може да му се случи на било кој. Имаме нов меч, ново докажување и нова шанса дека на тој меч не бевме вистинските. Верувам дека ќе покажеме многу подобра игра и ќе се покажеме во подобро светло. Се надевам дека ќе биде тензичен и интересен меч“, вели Димитриевски. 

Фудбалерот на Англија, Деклан Рајс без размислување вели дека очекува тежок меч и дека Македонија овојпат ќе игра за својата чест по мечот во Манчестер.

„Во Манчестер селекцијата на Македонија не беше на ниво, можеби  ќе се сменат работите. Очекувам тие да одиграат далеку подобро, но мора малку да ја кренеме нашата игра од мечот со Малта. Се надеваме дека годината ќе ја завршиме со победа, но мора да излеземе психички подготвени бидејќи очекувам непријателска атмосфера од трибините“, изјави Рајс на прес-конференцијата во Скопје.

Натпреварот е со почеток во 20.45 часот, а вратите на арената ќе се затворат половина час пред почетокот на мечот.

Се вчитува...