Македонска одбојкарка потпиша за шампионот на Словачка

Македонската одбојкарска репрезентативка Ерјона Јонузи во новата сезона ќе биде организатор на играта на словачкиот шампион Слован Братислава, кој официјално го претстави трансферот.

Техничарот, која во моментов е на подготовки со А националниот тим за настапот на Медитеранските игри во Таранто, претходно две сезони го носеше дресот на Нове Место, исто така од Словачка, а со својата игра како за клубот, така и за репрезентацијата го привлече вниманието на челниците на првакот.

Договорот е на една сезона, а Јонузи се надева дека ќе биде тоа одличен потег за развојот на нејзината кариера.

„Трансферот во Слован Братислава претставува голем чекор во мојата кариера и чест ми е што ќе бидам дел од еден од најреномираните клубови во Словачка. По неколкуте сезони поминати во словачкото првенство, верувам дека ова е вистинската средина за мојот понатамошен развој и напредок. Како репрезентативка на Македонија, секогаш се стремам да го дадам својот максимум и на теренот и надвор од него. Моја цел е да му помогнам на тимот да оствари значајни резултати и заедно да се бориме за највисоките позиции. Со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната, запознавањето со новите соиграчки и можноста заедно да создадеме успешна приказна“, коментира организаторот на играта Ерјона Јонузи.

Јонузи интернационалната кариера ја гради во последните две години, додека потекнува од редовите на тетовска Шкендија, настапуваше и за Универзитет во Тетово, како и за Работнички Скопје, со кој има и шампионска титула.

Се вчитува...