Македонската едриличарска репрезентација на Европското првенство за млади во класата ИЛКА 4 во Пук, Полска (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонската репрезентација во едрење е дел од Европското првенство за млади во класата ИЛКА 4 кое од вчера се одржува во Пук, Полска.

Ова првенство бележи рекорден број на учесници, вкупно 440 едриличари од 41 земја, кои се натпреваруваат од 20 до 25 јуни. Вкупно учествуваат 276 момчиња распределени во четири групи и 164 девојчиња се натпреваруваат во три групи.

Македонија на ова престижно натпреварување учествува со вкупно тројца натпреварувачи, Марко Милески од ЕК „Снегар“ од Струга, во машка, и Јана Неданоска од ЕК „Акватика Јахтинг“ од Охрид и Андреа Кавај од ЕК „Снегар“ од Струга, во женска конкуренција,  како дел од Програмата за солидарност на ЕурИЛКА, која овозможува вклучување на талентирани млади едриличари од земји во развој.

Првите два дена беа резервирани за регистрација и техничка инспекција на опремата, проследени со парада на знамиња низ градот и свечена церемонија на отворање.

Организатор е Полската ИЛКА Асоцијација, во соработка со Полската Едриличарска Федерација и ЕурИЛКА, а првенството е поддржано од Министерството за спорт и туризам на Полска и Канцеларијата на Маршалот на регионот Померанија.

Се вчитува...