МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО 2021 ГОДИНА: Историски настап на ЕП и обезбеден бараж за Мундијалот 2022

Историска беше оваа 2021 година за националниот тим на Македонија. Од многу аспекти, пред се од настапот на едно големо натпреварување како што е Европското првенство кое што се одржа во повеќе градови во Европа. Македонија играше во Букурешт и во Амстердам против репрезентациите на Австрија, Украина и Холандија.

Голема фешта имаше во главниот град на Романија, во Букурешт каде што отворивме со Австрија. Губевме, па израмнивме за во финишот Австријците да дојдат до големата победа од 3-1. Надежта беше присутна и на натпреварот против Украина, но и таму слабо прво полувреме во кое Украинците водеа со 2-0. Потоа Алиоски реализираше од белата точка за конечни 2-1, а Украина во финишот не реализираше и пенал, односно Димитриевски го одбрани ударот на Малиновски. Тоа значеше и конечна елиминација од ЕВРО, па дуелот со Холандија беше повеќе емотивен, отколку што имаше натпреварувачко значење. Затоа што тоа беше последен меч на Горан Пандев во националниот тим, а последен и за Игор Ангеловски и неговиот стручен штаб во националниот тим. Пораз од 0-3, овации и аплаузи за Пандев кој после 122 настапи се прости од дресот со државниот грб.

Оваа година националниот тим по шест години предводен од Игор Ангеловски доби и нов селектор во името на екс-селекторот на младинската селекција до 21 година, Боби Милевски кој обезбеди бараж за Светско првенство. Повеќе од драматични квалификации во кои судбината се решаваше во последните две кола, донесоа историски бараж за пласман на Мундијалот кој ќе го играме во март против европскиот првак Италија. Во секој случај оваа година ги имавме најуспешните квалификации во историјата.

Оваа година беше одбележана и од пензијата на Горан Пандев. Капитенот се реши да ја напушти селекцијата на 122 настапи со државниот грб и да даде шанса на некои други момци. А, тие момци обезбедија нова историја и се пласираа во бараж. Сега во новата 2022 година се надеваме на пласман на Мундијалот.

Оваа година вреди да се одбележи и историскиот триумф над Германија во квалификациите и тоа на нивен терен во Дуисбург. Интересно е тоа што Германија во квалификациите за Мундијалите на домашен терен има само три порази во историјата, и третиот дојде од Македонија. Пандев и Елмас погодија за голема победа над Германците, која одекна како „нуклеарка“ во светот на фудбалот. Токму таа победа даде крилја во квалификациите и можеби се покажа како една од клучните за пласман во баражот на крајот, со оглед дека освен тој пораз, Германија потоа ги оствари сите победи и во голем стил се пласираше во Катар.

Во 2021 година покрај Пандев, од дресот со државниот грб се збогуваа и Иван Тричковски, Крсте Велкоски и Ферхан Хасани.

Се вчитува...