Македонските атлетичари на ЕП трчаа само симболично во знак на револт против АФМ!

Македонија изминатиов викенд беше домаќин на Европското првенство во планинско трчање. Настан, под капата на европската асоцијација, дефинитивно за почит и одбележување но и настан кој уште еднаш на површина го истакна срамниот начин на функционирање на Атлетската федерација на Македонија (АФМ).

Македонските репрезентативци на ЕП, Атанас Анчевски, Александар Кирковски, Хити Мислими, Милош Ранчиќ и Марјан Бонев завршија на последните позиции на шампионатот… Но, не поради сопствената немоќ, иако во изминативе 24 часа беа оставени дури и на потсмев од јавноста која не беше запознаена со нивниот чин… Туку поради одлуката само симболично и заеднички под знамето на Македонија да ја минат целата патека во знак на револт против АФМ и првиот човек Крсто Серафимовски.

„Ни го уништија сонот за моќен домашен настап на ЕП. Се чувствуваме празно. Не требаше да биде вака. Но истовремено гордо што победи ЕДИНСТВОТО и ФЕР-ПЛЕЈОТ. Горди што бевме дел од овој храбар тим на големи другари и спортисти, горди на целата репрезентација. Истрчавме ревијално и СИТЕ петмина заедно на финишот“ – велат едногласно македонските репрезентативци.

Петте атлетичари преку заедничко соопштение ја информираат јавноста за овој свој протест на Европското првенство:

Членовите на македонската сениорска репрезентација во машка конкуренција се соочивме со најтешката одлука за еден спортист, да истрчаме трка во знак на револт. Место да бидеме најмотивирани и концентрирани единствено на трката и давањето на својот максимум за достојно претставување на нашата татковина на домашен терен, ние бевме психолошки исцрпени и демотивирани поради НЕОРГАНИЗИРАНОТО, АМАТЕРСКО и ПОНИЖУВАЧКО однесување демонстрирано од Атлетската федерација на Македонија.

Ваквото незрело однесување го потврдуваше преку целиот процес на организација и селекција на репрезентацијата почнувајќи со организирање на изборна трка во последен момент (две седмици пред Европското првенство), недефиниран состав на машката сениорска репрезентација, предлози од страна на раководството на АФМ на ден-два пред Европското првенство составот да се бира со трка на 3.000 метри, ждрепка и други смешни предлози.

Одговорните за избор на репрезентацијата немаа доблест да се сретнат со нас во насока на решавање на овој нивен пропуст, туку одговорноста ја префрлаа на тренери и лица кои не се задолжени за носење на такви одлуки. За целиот овој период селекторот кој е одговорен за тимот беше недостапен за репрезентацијата.

Ваквото НЕПРОФЕСИОНАЛНО работење на федерацијата веќе години наназад претставува секојдневие, НО за ваков настан и ваква доделена чест за организација на Европско првенство е НЕДОПУСТЛИВО да се остави вакви прашања да лебдат во воздух до последен момент. Со ова ги премина сите граници на толерантност!

Сите ние ова го правиме од чиста љубов кон спортот, вложуваме време и лични ресурси и на никој начин не сме компензирани за тоа. Ние не живееме ОД спортот туку ЗА спортот!

Ние не постоиме за Атлетската федерација туку таа постои за нас, за атлетичарите!

Благодарност до сите волонтери и навивачи кои неуморно не бодреа покрај патеката! Имавме тешка задача да ја трчаме оваа трка на овој голем настан на домашен терен со надеж за подобра иднина во атлетиката, со надеж за соодветен третман на државните репрезентативци, прваци и рекордери!

Со овој потег се надеваме дека придонесуваме за позитивни промени во атлетиката во Македонија!!!

А, проблемите на македонските репрезентативци се уште од почетокот на годината кога од МК Делта и останатите клубови од Македонија, од чии редови произлегуваат репрезентативците, испратија до АФМ барање за план и програма за подготовка за ЕП. Но, никогаш не добија одговор. За само на само неколку дена пред почетокот на ЕП од АФМ да се заинтересираат кој и како би не претставувал на Европското првенство…

„И по овој наш чин од АФМ не ја ни разбраа пораката која сакавме да ја испратиме со нашето само симболично минување на трката. Замислете, претседателот Крсте Серафимовски ништо не разбрал… Па, на крајот од трката порачал дека не требало воопшто да се пријавуваме и да стартуваме отколку така што сме завршиле на последните позиции. Сето тоа зборува кои и како ни ја водат федерацијата“ – вели Атанас Анчевски во име на македонските репрезентативци.

Се вчитува...