Женската репрезентација на Македонија до 20 години загуби и во вториот натпревар од групата А од Белорусија со 0-3 (19-25, 19-25, 18-25) во БВА Зонските квалификации за ЕП 2027.
Селекцијата загуби со максимален резултат, но понуди одлична игра и силен отпор на теренот во спортската сала „Бијели Бријег“ во Мостар. Разликата ја направи стабилниот блок на противникот и помалиот број на технички грешки во играта во поле.

Дуелот го отворивме егал и така се движевме до 6-6. Благодарение на блокот Белорусија прва направи исчекор, 6-9, но по тајм-аут реакцијата на селекторот Деан Стојанов, Македонија изедначи на 10:10, а поен за поен игравме до 14-14. Капитенот Сара Горбок беше одлично расположена и со сервис серија ни донесе водство од 17-15. Противникот нападна со силен сервис и со серија од 0-4 ја превзема контролата над резултатот 17-19. Париравме до 19-20, а потоа со нова низа поени Белорусија го освои сетот со 19-25 за водство од 0-1.
Во вториот сет влеговме рамноправно 3-3, но проблемите со приемот како и фактот дека не можевме со блок да го затвориме противничкиот напад овозможи Белорусија да поведе со 3-7, 6-11. Македонија беше константно во позиција да брка резултат. Иако имавме свои моменти со мини серии, сепак ривалот со идентичен резултат, 19-25 го доби и вториот сет.

Фириозен старт и водство од 4-1, односно 5-2 имаа македонските одбојкарки во третиот сет. На Белорусинките им требаше време да се стабилизираат, но се вратија на 6:6 и имаше голема борба за секој поен до 10-10. Техничките грешки и проблемите со приемот овозможија Белорусија да поведе со 10-13. Македонија се обидуваше да се врати во игра, но не успеја да најде начин и со 18-25, го запиша и вториот пораз од 0-3.
Шансата за прва радост Македонија ќе ја бара утре, 19:30 часот, кога во последното коло се соочува со домаќинот БиХ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
