Македонците владеат во Турција: Војнески и Јовановски со Ризеспор влегоа во елитата

Македонските фудбалски тренери Славче Војнески и Иван Јовановски Карас направија голем успех со Ризеспор и со овој клуб од следната сезона ќе бидат дел од елитното фудбалско друштво во Турција. Ризепор го освои првото место во второлигашка конкуренција, со вкупно 69 бода, откако денеска на домашен терен славеше со 4-2 против Газишехир. Војнески и Јовановски се дел од стручниот штаб на главниот тренер Ибрахим Узулмез.

„Ова е огромен успех за Ризеспор, кој по само една сезона повторно се враќа во турската фудбалска елита. Досега неколкупати Ризеспор влегувал и испаѓал, меѓутоа никогаш не успеал да биде првопласиран. Тоа ни успеа оваа сезона, и секако дека сите во клубот сме горди на постигнатото. Стручниот штаб на Ибрахим Узулмез, во кој се наоѓаме и јас и Иван Јовановски Карас, го презеде тимот во осмото коло, кога тимот беше на шестата позиција, и оттогаш следеше навистина еден убав период, со позитивни резултати, победи, и на крајот заслужено завршивме како шампиони во второлигашката конкуренција“, вели за ЕКИПА, Славче Војнески.

Се вчитува...