Македонците во зимскиот преоден рок: Пандев во последен момент кај Џиџи во Парма, Барди и Димитриевски ќе чекаат до лето

Иако многу се шпекулираше зимава, македонските репрезентативци Енис Барди и Столе Димитриевски не направија трансфери. Димитриевски долго време се поврзуваше со трансфер во Барселона, а потоа се јави и Ал Наср од Саудиска Арабија со добра финансиска понуда, меѓутоа Рајо Валјекано најпрво демантираше интерес од Барселона, а ги одби Саудијците за трансфер на својот голман. Така Димитриевски останува во Рајо барем до крајот на сезоната. Тој е еден од најдобрите пет голмани во ТОП 5 лигите во есенскиот дел од сезоната, и ако продолжи во исто темпо, тогаш сигурно на лето го чека подобар трансфер.

Енис Барди, пак, се поврзуваше најмногу со трансфер во Селта, а заинтересирани беа и Бетис, имаше сигнали од Милан и Торино. На крајот остана во Леванте, ќе се обиде да избори опстанок, а на лето да бара нов клуб и тоа како слободен агент.

Оваа зима од нашите фудбалери, трансфери направија Висар Муслиу кој замина во Инголштад, потоа Александар Трајковски ќе игра во Саудиска Арабија, па Горан Пандев замина во Парма, Тихомир Костадинов ќе продолжи во Полска во Пјаст Гливице. Зајков од Левски замина во Ворскла, Тодороски е нов играч на Серед, Спировски отиде во МТК. Исто така трансфер направи и Дориан Бабунски кој е нов член на Дебрецен, а досега играше во Ботев Враца.

Најскап трансфер на еден македонски интернационалец зимава е оној на Енис Фазлагиќ од Жилина во Висла Краков за 500 илјади евра. Втор е оној на Тихомир Костадинов, кој за 450 илјади евра замина во Пјаст, а Алекс Трајковски за 350 илјади од Мајорка се пресели во Ал Фајха.

Има и неколку играчи кои што и натаму чекаат на трансфери. Преодниот рок е отворен уште во неколку земји, па може да се случи истите да заминат во други клубови. Се очекува нов клуб да има Дејан Илиев и тоа да се врати во Словачка и да игра во тимот на Тренчин, додека нов клуб ќе има и Даниел Аврамовски, и тоа најверојатно во Кочаелиспор кој е сериозно заинтересиран за неговите услуги. Трансфер преодниот рок тра уште во Австрија, Турција, Србија, Романија, Унгарија, Хрватска, Швајцарија, Словенија, Словачка, Русија, Чешка, Ерменија, Бугарија, Полска, Украина… Исто така трае и во Македонија до 11. февруари.

Се вчитува...