„Макрон“ во иднина ќе ја „облекува“ македонската репрезентација?

Италијанскиот произведувач на опрема „Макрон“ е блиску до договор со македонската фудбалска федерација за во иднина да ги „облекува“ сите национални тимови, дознава ЕКИПА.

Откако наскоро ќе истече договорот со произведувачот „ЈАКО“, кој е официјален добавувач на опрема на македонските селекции од 2014 година, Македонија ќе носи нов бренд на опрема. Голема е веројатноста со новите дресови од новиот спонзор Македонија да „дебитира“ на натпреварот со Италија на гостински терен во баражот.

„Макрон“ е познат италијански бренд кој опремува неколку познати клубови меѓу кои Лацио, Сампдорија, Удинезе, Болоња, потоа хрватски Хајдук, српска Црвена Звезда, во Данска е спонзор на Алборг, а присутен е во Бундеслигата во тимот на Арминија. Макрон носат и тимовите на Оксер, Ница, Леванте, Реал Сосиедад, Кадиз, Бриж… Во Македонија од овој бренд опрема носат Шкендија и Струга ТЛ.

Овој бренд ги облекува и судиите низ европските УЕФА натпреварувања, како и судиите во шпанска Ла Лига и во турската Супер Лига. Исто така е спонзор на националните тимови на Андора, Белорусија, Кипар, Албанија, Фарски Острови, Луксембург, Сан Марино, Ерменија.

Во минатото покрај ЈАКО, македонската фудбалска репрезентација носеше опрема на „Пума“ и „Гемс“.

Се вчитува...