Максимална победа на „Алкалоид“ во 3. коло од Европскиот куп, трет триумф на Гамбит

Шахистите на Алкалоид славеа со максимални 6-0 против норвешка Валеренга во третото коло на Европскиот клупски куп кој се одржува во Анталија, Турција. Гамбит Асеко, пак, ја запиша и третата победа славејќи со 3,5 – 2,5 против тимот на Макаби.

Во пресметката на Алкалоид, на првата табла Динг Лирен, играјќи со црни фигури, славеше против Ајран Тајри. Разликата во квалитет беше очигледна и иако белиот играше солидно сепак, кинескиот велемајстор успеа да го надигра својот помлад противник.

Најдолгата партија во мечот се одигра на втората табла каде што украинскиот велемајстор Павел Елјанов, водејќи ги белите фигури се здоби со предност во отворањето. Со прецизна игра таа предност ја зголеми во средишницата, но во завршницата направи грешка и му дозволи на својот противник да ја изедначи позицијата. На крајот демонстирајќи ја својата техника успеа да ја добие партијата.

На останатите табли славеа Дмитри Андрејкин, Ју Јангжи, Дмитриј Јаковенко и Јури Криворучко.

За Гамбит Асеко на поединечните табли победија на последните две табли Марјан Митков и Дејан Динев, загуби на втората табла ФМ Никола Николески, а ремизираа ВМ Петар Арнаудов, ИМ Богдан Подлешник и ИМ Орце Данчевски.

По три кола Гамбит е на врвот со максимални шест бода заедно со екипите на Глобус, Одлар Јурду и Леиден. Алкалоид во моментов со 4 бода е на делба на седмото место од вкупно 36 екипи колку што учествуваат на купот на европските шаховски шампиони.

Се вчитува...