Максимов без право за настап за Вардар и во македонското првенство!

Вардар го претстави Русинот Максим Максимов како свое најголемо засилување во летниот преоден рок. Но, очигледно сето тоа залудно, со оглед на тоа што, поради спорот пред ФИФА кој го активираше литванскиот Тракаи за нерегуларен трансфер на нивниот фудбалер, 21-годишниот офанзивец нема право за настап и во македонските натпреварувања.

Вардар, како што е познато, не можеше да го пријави Максимов за настап во групната фаза од Лигата на Европа, а регистрација за фудбалерот поради некомплетна документација не може да има и од страна на Фудбалската федерација на Македонија.

„Максим Максимов нема право за настап и во македонските натпреварувања поради некомплетна документација. Вардар го пријавил како свој фудбалер, но сето тоа не може да биде регистрирано во Комет системот и потврдено од Верификациска комисија на ФФМ поради некомплетна документација“ – велат од ФФМ.

За регистрација на Максимов потребен е сертификат од Литванската фудбалска федерација, што не се доставува поради жалбата на Тракаи до ФИФА. Па, сега најпрво се очекува Светската фудбалска федерација да го разгледа случајот, што може да потрае, како што велат надлежните, и до крајот на есенскиот дел од шампионатот.

„Трансфер периодот во Македонија е затворен. Во зависност од одлуката на ФИФА и кога истата би била, дополнително ќе се разгледува евентуална регистрација на фудбалерот“ – дополнуваат од ФФМ.

Вардар во сабота го игра натпреварот од 4. коло во Првата македонска фудбалска лига. Но без Максим Максимов. Поради аматеризмот на раководството на тимот. А, според жалбата на Тракаи, доколку ФИФА пресуди во корист на Литванците, тогаш не само што Вардар ќе остане без ангажман на Максимов, туку и дополнително да заработи казна од ФИФА за прекршување на процедури при реализација на трансфер.

Се вчитува...