Малдини успеа: Тонали доаѓа во Милан

Сандро Тонали се сели во Милано, но не во Интер како што беше најавувано претходно, туку во дресот на Милан. Директорот Паоло Малдини успеа да ја заврши „невозможната мисија“ и да го осигура потписот на големиот италијански талент. Тој најпрвин постигна договор со претседателот на Бреша, Масимо Челино, но потешкиот дел од задачата беше да се убеди Тонали, кој веќе ги имаше договорено личните услови со Интер.

Преговорите на крајот сепак завршија успешно, па одличниот играч за врска прифатил плата од 2,2 милиони евра плус бонуси за да потпише петгодишен договор со „росонерите“. Тонали ќе пристигне на едногодишна позајмица што ќе чини 10 милиони евра, по што Милан следното лето ќе доплати уште 28 милиони евра за целосно да го откупи неговиот договор со Бреша.

Со ангажманот на италијанскиот „бисер“ Милан реши исклучително важно прашање околу креатор на играта, позиција што беше болна тема во таборот на „росонерите“ со години наназад.

Се вчитува...