Малер: Димитриоски отпадна од СП, Лазаревски во авионот за Минхен

Димитар Димитриоски малерозно ја стартуваше новата година, откако левото крило на Металург поради повреда заработена на последниот тренинг отпадна од комбинација за настап на СП 2019 во Германија и во Данска. Овој ракометар беше сигурен на списокот на Раул Гонзалес како резервна опција за Дејан Манасков, но повредата на скочниот зглоб го спречи да се најде на списокот на патници за Минхен.

Вечерашните детални прегледи покажаа дека нема шанси младиот ракометар експресно да му се стави на располагање на стручниот штаб, па во ситуација кога во следните десет дена Македонија треба да одигра пет натпревари селекторот Гонзалес реши Димитриоски да остане во Скопје, а на негово место во Минхен да патува пивотот Лазаревски.

Покрај левото крило, на конечниот список на Гонзалес не се најде ниту голманот на Металург, Мартин Томовски, откако Раул како чувари на мрежата ги избра Борко Ристовски, Никола Митревски и Златко Даскaлоски.

Македонија рано утринава ќе отпатува за Минхен со 18 ракометари, по што Раул Гонзалес на денот на натпреварот со Јапонија ќе одлучи кои двајца од нив мечот ќе го следат од трибините.

Се вчитува...