Малер со повреди: Екс-македонскиот репрезентативец ја заврши сезоната во Шведска

Екс македонскиот репрезентативен голман Давид Митов Нилсон, доживеа повреда за време на еден тренинг минатата недела, па ќе мора да паузира до крајот на сезоната во Шведска. Тој во моментов брани за тимот на Сириус, и таман почна стандардно да го чува голот на овој тим, повторно се повреди и повторно го чека пауза од неколку месеци.

Станува збор за повреда на менискусот на коленото, поради која Митов-Нилсон ќе мора да паузира до крајот на годинава. Во Шведска има уште четири кола до крајот, а се чини Сириус е со обезбеден опстанок.

Митов-Нилсон досега има само еден настап за македонската селекција, оној против Белорусија на гостински терен. Бранеше за младинските селекции на Шведска, но потоа се реши да го прифати повикот од Македонија. Тоа му беше прв и единствен настап за Македонија во 2015 година, а од тогаш па во следните 7-8 години не може „глава да крене“ од повреди, па ретко добиваше шанса во следните негови клубови како Сундсвал, Сарпсборг и сега Сириус.

Голманот беше еден од најзаслужните за сензацијата која ја приреди Норчепинг, освојувајќи ја титулата во Шведска во 2015 година. Тогаш доби и покана за настап за националниот тим и ја прифати.

Пред речиси една година во интервју за ЕКИПА, Нилсон кажа дека е заборавен од сите во ФФМ и дека не заслужил таков третман. Особено го истакна фактот дека кога требало да прифати да игра за Македонија му се јавувале многу лица и го убедувале, а потоа кога почнал да се повредува, бил заборавен, и ден денеска никој не го контактирал. 

Се вчитува...