Пелистер продолжува со одличните игри откако на клупата на овој тим пристигне Љупчо Малинков, па под водство на кавадаречкиот стратег битолчани забележаа уште една импресивна победа. Откако минатиот викенд го декласираа Гостивар, „пелистерци“ вечерва беа подобри од Куманово со убедливи 88-70, прекинувајќи ја победничката серија на тимот предводен од Александар Петровиќ.
Како пресудни се покажаа првите минути од третата четвртина, која Пелистер ја отвори со серија од 11-2, стигна до двоцифрена предност и потоа знаеше како да го задржи водството до самиот крај. Казарновски ги предводеше стрелците со 16 поени кај Пелистер, а одличен меч без промашување од поле одигра и плејмејкерот Цветковски, реализирајќи 15 поени. Јанески и Марковски со по 16 поени беа најпрецизни во таборот на Куманово.
Еуроникел ја оправда фаворитската улога на мечот со Вардар, триумфирајќи со резултат 82-66. Гостите од Скопје одлично парираа во првото полувреме, но како клучна се покажа третата четвртина што кавадарчани ја добија со 19-9. Јане Петровски со 18 поени беше најефикасен кај Еуроникел, Караколев постигна 14, додека Американецот Њус со 21 поен повторно беше прв стрелец на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА