Пелистер собра квалитетен тим во текот на летото, но изненадувачки потфрли на резултатски план на стартот од сезоната. Тренерската смена вроди со плод, откако Љупчо Малинков експресно донесе победнички менталитет во екипата, па на досегашните две средби по неговото доаѓање на клупата, Пелистер забележа убедливи победи над Гостивар и над Куманово. Со овие резултати битолчани стигнаа на само еден триумф заостанување во трката за шестото место, кое води во Супер-лигата.
„Искрено верувам во мојот тим, гледам дека поседува квалитет за да влезе во Супер-лигата. Не променив ништо коренито со моето доаѓање, беше очигледен потенцијало што екипата го има, гледав само да ја подобрам атмосферата во екипата, за секој од кошаркарите да го даде на теренот она за што е способен. Мило ми е што веднаш успеав во тоа, очекувам во ист стил да продолжиме и во наредниот период бидејќи пред нас се тешки битки за влез меѓу најдобрите шест тима во лигата“ – изјави Малинков.
Следниот предизвик е специјален за кавадаречкиот стратег, со оглед на фактот дека во Битола ќе го пречека Еуроникел (поранешен Фени индустри), клуб каде тој беше тренер до ланската сезона.
„За Фени ме врзуваат само убави спомени, искрено се радувам што овој клуб повторно создаде квалитетен ростер и игра одлична кошарка. Тие се пред нас на табелата, со самото тоа ќе ја имаат и улогата на благи фаворити на мечот со нас, но верувам дека ако моите играчи одиграат на посакуваното ниво ќе успееме да врземе уште една победа, со што уште повеќе би ја кренале атмосферата во нашиот табор“ – вели новиот стратег на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА