Малку Дибиров, малку Криштопанс и многу среќа

Едно полувреме „предност“ за противникот, па потоа „будење“ и пресврт. Вардар со рецептот од Порто успеа да слави и против Мотор, по голема битка во која карактерот го покажа во клучните моменти – завршните минути од мечот во Запорожје. Вардар е единствениот со максимални шест бода по првите три кола, во Украина повторно покажа карактер, но имаше и многу, многу среќа.

Допрва ќе следат вистинските битки со Кил, Веспрем, Кјелце… на кои „црвено-црните“ ќе треба да имаат и помош од голманите, нешто што изостана на досегашните средби.

Кога нема никој, тука е Дибиров

Голем дел од првото полувреме беше катастрофално, одбраната воопшто не функционираше, а во нападот многу тешко се наоѓаа решенија за зоната на противникот. Се мачеа сите, освен Тимур Дибиров, кој беше брилијантен во првите 30 минути, постигнувајќи седум погодоци.

Криштопанс е „џин“ и во напад и во одбрана

Летонскиот „џин“ уште еднаш ја покажа својата големина токму кога се решаваше победникот. Во закана од „пасива“ го постигна клучниот гол, а потоа на спротивната страна се исправи како „ѕид“ пред домашниот ракометар, кој од Криштопанс не можеше да го види голот.

До кога ќе се чека на голманите?

Кога си замина Штербик, со песимизам се гледаше на Милосављев, но српскиот голман експресно ги демантираше критичарите. Сега и тој си замина од Скопје, а неговите наследници мака мачат да ги оправдаат очекувањата. Писонеро упорно ги ротира Гедбан и Кугис, двајцата се мачат во Лигата на шампионите.

Стручниот штаб и управата се уште покажуваат верба дека Летонецот и Алжирецот ќе се „разбудат“, но не се исклучува можноста доколку тоа не се случи да биде доведен и нов чувар на мрежата. Некој што ќе биде достоен за епитетот прв голман на европскиот шампион.

Се вчитува...