Англија за првпат во историјата го освои третото место на едно светско првенство откако во неверојатен дуел славеше над Франција со 6-4. Најавите дека „малото финале“ ќе биде здодевно и немотивирачко за фудбалерите се покажаа како празни муабети, овој дуел понуди суператрактивен и офанизвен фудбал во кој беа постигнати десет погодоци, за најефикасен меч за трето место воо историјата на мундијалите, со хепиенд за Англичаните.
Пресудно се покажа првото полувреме во кое англиските фудбалери целосно издоминираа поведувајќи со 4-0, додека „триколорите“ се наоѓаа во нокдаун. Деклан Рајс отвори одлично со гол од дваесетина метри и асистенција од корнер до Конса за 2-0, по што Букајо Сака зголеми на 4-0 до крајот на првото полувреме.
Бесниот Дешамп направи четири замени на крајот што донесоа сосема поинаква слика на теренот, Французите преку Мбапе (два) и Баркола (еден гол) за само дваесетина минути се вратија во мечот намалувајќи на 4-3. При овој резултат Олис промаши две стопроцентни шанси, а Тухел успеа да ја стабилизира играта на Англија во финишот, со влегувањето на Белингем.
Асот на Реал промаши зицер, но англискиот состав повторно заигра опасно на противничката половина што резултираше со пеналот на Густо врз Спенс, што Сака го реализираше за хет-трик и водство на Англија од 5-3.
Тоа не беше и крај на возбудувањата, Дембеле намали во 95. минута, Франција тргна на се или ништо во последните секунди, но гол падна на спротивната страна – Белингем одличната соло-акција ја претвори во гол за конените 6-4.
Тухел сега сигурно добро ќе размисли пред да каже – дека мечевите за третите места на мундијалите се здодевни и демотивирачки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
