Мама миа, Ѓоковиќ е баш страшен: Нов трофеј, Синер без одговор за најдобриот во светот

Новак Ѓоковиќ уште еднаш покажа зошто е најдобар тенисер на денешницата, откако Србинот со ново маестрално издание стигна до триумф на АТП-шампионатот во Торино, седми пехар на завршните турнири за најдобриот тенисер на денешницата. Ѓоковиќ денеска за противник го имаше Јаник Синер, но за разлика од пред неколку дена кога Италијанецот стигна до победата, денеска можеше да се проследи час по тенис од српскиот тенисер, кој заслужено славеше со 6-3, 6-3.

Од самиот старт беше очигледно дека Ѓоковиќ е преполн со самодоверба по големиот триумф над Алкараз, па првиот носител маестрално го почна и денешното финале. Тој ја искористи првата брејк шанса, сервираше беспрекорно во текот на целиот прв сет и заслужено славеше со 6-3, не дозволувајќи на публиката во Торино да му даде крилја на италијанскиот тенисер.

Синер беше изненаден од ваквото издание, па Ѓоковиќ тргна уште помоќно во вториот сет, добивајќи 10 поени во низа и набрзина поведувајќи со 2-0 во сетови. Италијанецот имаше шанса да се врати при 3-2, но не искористи две брејк шанси, по што Новак поведе со 4-2. Во следниот гејм имаше осум изедначувања, Ѓоковиќ не искористи неколку шанси за брејк, па Синер намали на 4-3, кревајќи ги фановите на нозе во пресрет на самиот финиш.

Српскиот тенисер одговори на предизвикот, го искористи своето искуство за да го приведе мечот до крај, стигна и до нов брејк за конечни 6-3, 6-3, за нова голема победа и седма титула на завршните АТП-шампионати, уште еден рекорд во светот на тенисот во сопственост на извонредниот Новак Ѓоковиќ.

Се вчитува...