Манасков броеше до шест против Барса, Нант шокиран без Лазаров

Барселона на гостински терен го совлада Веспрем со 34-37, зацврстувајќи се на првото место во групата. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека Барса настапи без повредените Мем, Нгесан и Јанц, на клупата го немаше ниту првиот тренер Чави Пасквал, но сепак успеа да го земе скалпот на унгарскиот првак. Барса водеше во текот на целиот натпревар, а Веспрем успеа да се врати на десетина минути до крајот, кога со голот со лоб-удар на Дејан Манасков израмни на 32-32.

Сепак, тоа беше знак Барса повторно да додаде гас, Циндриќ и Фабрегас ја презедоа одговорноста во нападот и каталонците на крајот стигнаа до заслужена победа. Манасков беше најдобар поединец кај Веспрем со шест погодоци, додека најефикасни кај Барса беа Гомез со девет и Доленец со седум постигнати гола.

Нант без Кире Лазаров во составот беше шокиран на домашен терен од Целје (28-30). Францускиот тим водеше само на почетокот од второто полувреме, со 15-14 и со 16-15, гостите од Словенија беа подобар ривал во голем дел од мечот и заслужено стигнаа до триумф.

Кил лесно и убедливо го совлада Мотор со 34-23, меч на кој фантастичен беше Дувњак, со осум погодоци и значаен придонес во одбраната на „зебрите“.

Се вчитува...