Манасков го знае рецептот: Беспрекорен напад и цврста одбрана го топат Исланд

Крилото на македонската репрезентација Дејан Манасков, во пресрет на денешниот натпревар против Исланд, потенцира дека нападот на првиот меч во Рејкјавик беше одличен, но одбраната денеска ќе мора да биде многу подобра.

„Игравме исто како на Светското првенство, можеби две три работи беа само нови, бидејќи немаше време да промениме било што во нашата игра. Мислам дека не беше ни момент да се менува. Одигравме на едно високо ниво во напад, бевме беспрекорни. Ни помогна добриот напад да постигнеме многу голови, што за мене е неверојатно. На поставен напад дадовме 27 гола, што е навистина премногу. Се играше без одбрани на двете страни“, вели Манасков. 

Манасков беше еден од најдобрите поединци на теренот на мечот во Рејкјавик, но како што вели не се чувствува „виновен“ за одлуката на селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон по мечот со Македонија да ги отпише од репрезентативниот тим двајцата голмани.

„Не се чувствувам „виновен“ за одлуката на селекторот на Исланд. Тие беа долго време во репрезентацијата, бранеа лошо на натпреварот и тоа е одлука на Гудмундсон“, дополни Манасков. 

Манасков за денешниот меч смета дека ќе биде многу потежок од тој во Рејкјавик, но се надева дека пред полна сала, ќе успеат да ја израдуваат македонската публика.

„Денеска ќе биде многу потешко. Играме дома, меѓутоа Исланд ќе биде подобар од првиот натпревар. Ќе се бориме до крај и се надевам пред полна сала ќе ја израдуваме македонската публика“, заврши Манасков. 

Мечот меѓу Македонија и Исланд во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје се игра вечерва во 20 часот.

Се вчитува...